Александар Динев: „Мајка ме застана на улица, посака да ја изненадам ќерка ѝ за роденден, ме обожавала - Ева (11) беше пресреќна“
- Детали
- недела, 07 септември 2025
Александар Динев и Евче ѝ го стопија срцето на малата Ева и на нејзината самохрана мајка Ема, откако дојдоа да ја изненадат на роденденската прослава. За жал, повеќето поканети другарчиња, не се појавиле.

Нашиот најпознат тиктокер, Александар Динев, заедно со девојката, водителката Ева Јовановска, дојдоа на роденденот на малата Ева, која наполни 11 години на почетокот на септември и ја изненадија пред сите нејзини другарчиња.
А сè почнало пред неколку недели, кога жена го застанала Александар додека одел накај City Mall.
Таа му кажала дека нејзината ќерка го обожава, дека и таа го сака, па прашала дали може да се фотографираат, за да ѝ испрати фотка на ќерка си.

Александар, секако прифатил, и додека разговарале, мајката му кажала дека нејзината Ева наскоро ќе полни 11 години, па му предложила да дојде како гостин на нејзината забава, за да ја изненадат.
„Ѝ реков, ‘ајде, може’, иако никогаш не сум го правел тоа. По некое време таа испратила пораки и кај мене и кај Евче на Инстаграм, па Евче ја видела пораката и почнавме да се договараме.
Мајката самата испланирала сè - купила торта и сакала ние да влеземе со тортата за да ја изненадиме, да ѝ пееме Happy birthday“, вели Александар за CRNOBELO.com.

Тој и Евче купиле подарок за славеничката, училиштен прибир и ситници кои ќе ѝ требаат за да училиште.
А кога стигнале на роденденот, малата Ева ги видела, но ѝ исчезнале од вид.

Александар вели дека таа воопшто не се посомневала дека ѝ се подготвува изненадувањето:
„Кога излеговме со тортата со Евче, Ева многу се израдува. Потоа заедно ги дувавме свеќичките, па се фотографиравме.
Криво ми е што на роденденот ѝ дојдоа малку деца од оние што ги поканиле.

Нејзината мајка е самохрана и ни раскажа дека самата се грижи за ќерката, дека се бори за неа.
Мајката всушност имала свој салон за убавина, но бизнисот ѝ пропаднал во времето на короната. Сега работи две работи за да ја издржува ќерка си.
Ни кажа и дека со Ева морале да си заминат од станот во кој живееле под кирија, зашто сопственикот им рекол дека сега таму ќе живее нивниот син, па барале друг стан.
А Ева е прекрасна и многу ми е мило што со Евче ѝ го разубавивме роденденот“ - додава Динев.

Тој објави и видео на Инстаграм од изненадувањето за Ева и доби силен аплауз од своите следбеници на социјалните мрежи.
„Секоја чест што направивте една Ева и една мајка пресреќни! Браво, доброто со добро да се враќа“,
„ Среќен роденден мила Ева. Браво за мајката и голема почит“ - се дел од коментарите.

Кликнете за да го погледнете видеото:
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело / фото: Приватна архива