Александар Митевски за спортската химна од Тоше: „Дојде од пат уморен, ја отпеа од прва и му се направи ќеф“
- Детали
- понеделник, 10 ноември 2025
„Токму денеска пред 18 години се роди песната „Македонија навива за вас“. Мелодијата ја направив на синтисајзер играчка од ќерка ми. Се сеќавам, Тоше дојде во студио од пат уморен, ја отпеа од прва и се дигна енергијата. За жал, вечерта на изборот на химна, остана празен микрофон“ – вели Александар Митевски во емотивно видео за спортската химна на Македонија.

Во 2007 година се одржа избор за спортска химна на Македонија, каде повеќе музички имиња конкурираа со свои песни.
Победничка песна беше „Македонија навива за вас“ на Тоше Проески, кој за жал, не го дочека изборот и претходно трагично го загуби својот живот во сообраќајна несреќа.
Оваа песна дефинитивно е голем хит и нема некој што не знае да ја отпее од почеток до крај, со посебна еуфорија и жар во душата.
Денес, на 10-ти ноември 2025, се навршуваат 18 години од раѓањето на оваа химна, а Александар Митевски, задолжен за текстот, музиката и аранжманот на истата, се потсети на приказната зад оваа песна.
Во видео со инсерти од спортската навивачка химна, тој вели:
„Токму денеска пред 18 години се роди песната „Македонија навива за вас“ и стана официјална навивачка химна на Македонија.
Приказната почна некаде 2007 година, летно време кога се објави конкурсот за навивачка спортска химна.
Мојата мала ќерка имаше тогаш една мала играчка синтисајзер, токму на тоа ја направив мелодијата. Потајна желба ми беше да ја отпее Тоше Проески.

Се сеќавам дека дојде во студио, и тоа се врати од пат, многу денови имаше концерти во Србија и Хрватска, беше многу уморен и со засипнат глас.
Како почна да ја пее и да ја снима песната, од прва што се вика ја отпеа, се отвори енергијата, многу ми се направи ќеф што е во негов стил, што ќе може моќно да ја донесе.
За жал, остана само една снимка од тоа наше снимање вечерта. Се случи големата трагедија.

На изборот на навивачка песна стоеше празен микрофон, а оној паричен чек, награда од 3000 евра што се додели таа вечер за песнава, ги дониравме заедно со сите други средства како помош за лекување на едно младо убаво дете, како Тоше што ќе го направеше тоа.
18 години после песната, сè уште живее и сè уште ја бодри македонската репрезентација“.
Погледнете го видеото:
М. М. | Црнобело
