Маж украл фустан од Ивана Кнез на ревија во Милано: „Го облекол и побегнал, заедно со чантата со аксесоари“
- Детали
- вторник, 30 септември 2025
Мајката на нашиот модел Елена Реи, Рената, имала немила случка на Модната недела во Милано, откако еден од фустаните што ги носела, креација на нашата Ивана Кнез, бил украден зад сцената на една ревија од маж.

Рената Реи, мајката на Елена Реи, преживеала вистинска драма во Милано, кога маж кој ги украл нејзиниот фустан и чанта со аксесоари, ја обвинил дека го напаѓа, а потоа побегнал со фустанот облечен на него.
Таа за непријатноста, веднаш ѝ кажала на Ивана Кнез, со која долги години соработува и се дружи, а која е всушност дизајнер на украденото парче.
Ивана Кнез во својата креација
За CRNOBELO.com, Ивана раскажа што се случило во Милано и сподели видео и фотографии од настанот, дури и од моментот кога мажот бега облечен во нејзината креација:
„Рената Реи е моја долгогодишна драга клиентка, која оваа година е ексклузивен гостин на модната недела во Милано.
За таа пригода подготвивме неколку стајлинзи кои соодветствуваа со настаните, од свечена тоалета до неколку коктел комбинации кои таа го носеше тие денови.

Едниот фустан, моделот Helena, изработен од црн креп штоф, го носеше на една од од ревиите.
Како дел од самиот настан, пресоблекувањето било во бекстејџ, но откако се преоблекла во нов мој модел, работите ги оставила зад сцената и заминала на следната ревија каде што ја пречекало огромно изненадување.
Во нејзиниот црн фустан Helena бил облечен дечко, кој излегол на сцената со маска, а кој бил ангажиран од организаторите за да направи перформанс пред да почне следната ревија.

Кога после ревијата му се обратила за да си го побара фустанот, тој почнал да бега и да вика дека Рената го напаѓа.
И успеал да избега заедно со фустанот и нејзината чанта со аксесоари.

Вознемирена, Рената ме побара истата вечер, и иако ми е жал за чантата, за фустанот ми е многу драго што заврши на туѓа ревија.
Тоа значи дека и без јас да зборувам, моите парчиња зборуваат сами за себе, па дури и завршуваат како дел од гламурозна кражба.

А Рената ќе добие нов фустан од мене за повторно да блеска во некоја следна прилика“.

Повеќе фотографии:





Погледнете го видеото:
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело