Елена Стојчевска на денот на кафето: „Кафе сама во тишина, кафе со семејството - за мене ова е најубавиот ритуал“
- Детали
- среда, 01 октомври 2025
Елена Стојчевска е битолчанка која живее во Амстердам веќе неколку години и која открива дека кафето е нејзин најубав ритуал каде и да оди. „Денес е Интернационален ден на кафето... Па, решив да разгледам низ телефонот и да ви споделам неколку фотографии од моите филџани“, вели таа. Дали и вие сте вљубеници во кафето?

Елена Стојчевска е креативна мајка чијшто профил на Инстаграм е непресушна ризница на нови проекти и идеи за активности за децата коишто истовремено може да ви помогнат да поминете квалитетно време со нив, но и да ги тргнете од екраните на мобилните телефони, таблетите и телевизорите.
Таа е горда на тоа што овој нејзин проект во последниве неколку години прерасна во вистинска заедница во која учествуваат голем број родители кои се истомисленици.

Оваа битолчанка, 15 години живеела во Скопје, а во изминатите 3 години живее во Амстердам, Холандија.
Денес (01.10) е интернационален ден на кафето, а Елена како вистинска вљубеничка во него му посвети објава.

Таа прикачи низа фотографии од нејзиниот ритуал на пиење кафе без разлика дали тоа е во родната Битола, во Скопје, во Амстердам или во некој град каде е на патување.

Нејзината објава гласи:
„Денес е Интернационален ден на кафето...
Па, решив да прошетам низ телефонот и да ви споделам неколку фотографии од моите филџани.
Не се собрани сите тука, но секоја фотографија носи своја енергија, спомен и приказна.
Во секоја чаша гледам момент од моето секојдневие – кафе сама во тишина, кога мислите ми се средуваат; кафе со друштво дома, полно со смеа и разговори; кафе додека подготвувам активности за децата, со возбуда и креативност;
кафе со гости што едвај ги чекам да ги прегрнам;
кафе кај фамилијата, топло како нивната прегратка;
кафе со пријатели што ретко ги гледам, ама токму затоа ми се посебни;
кафе додека шетаме семејно и ја впиваме секоја минута заедно...
А има и по некоја носталгична слика, од работи што денес ги чуваме само во срцето и сеќавањата.
За мене кафето не е само пијалак – тоа е мал ритуал што буди чувства, што врзува спомени, што создава моменти на близина. Секое „ајде на кафе“ е покана за нова приказна.
Затоа денес му ја посветувам оваа објава
Среќен Интернационален ден на кафето!“








