Енис Барди стана татко, капитенот на фудбалската репрезентација пресреќен: „Благословен сум со ќерка“
- Детали
- среда, 08 октомври 2025
„Алах нè благослови мене и мојата сопруга со оваа прекрасна ќерка. Направи ја праведна и дај ѝ здравје“, напиша фудбалерот, кој објави прва фотографија со ќерката и ја изненади јавноста дека станал татко.

Капитенот на фудбалската репрезентација на Македонија стана татко. Неговата сопруга Фестина роди девојче, на кое со фудбалерот ѝ го дадоа името Аја.
Веста за породувањето први ја објавија од клубот на Барди, TÜMOSAN Konyaspor од Турција.

Тие на Инстаграм објавија фотографија од болницата на која се родителите со новороденчето.
„Нашиот фудбалер Енис Барди и неговата почитувана сопруга Фестина добија ќерка, Аја. Им честитаме и му посакуваме на бебето Аја среќен и здрав живот“, пишува во пораката од клубот.
По ова и самиот фудбалер на Инстаграм Стори стави фотка со ќерката.
„Алах нè благослови мене и мојата сопруга со оваа прекрасна ќерка. Алах, направи ја праведна и дај ѝ здравје“, напиша фудбалерот.

Барди на својот профил на Инстаграм не споделува приватни фотографии, па ја изненади јавноста со веста за бебето.
Сепак, се чини дека тој навести дека ќе стане татко, кога на натпреварот на репрезентацијата на Македонија против Лихтенштајн на 8 септември даде гол, а потоа ја стави топката под дресот, во знакот на труднички стомак.
Инаку, Барди веќе пристигна во Скопје и ги почна тренинзите со репрезентацијата за квалификациите за Светското првенство во фудбал, во чии рамки на 10 октомври ќе играат натпревар против Белгија на гости, а потоа на 13 октомври дома го пречекуваат Казахстан.
Од Фудбалската федерација доби подарок за ќерката и дрес со нејзиното име.
А. Ј. | Црнобело