Александар Михајловски: „Моите родители се разведоа кога имав две години, пораснат сум во стан со мајка ми, баба ми и дедо ми“

Пораснат сум со баба ми, дедо ми и мајка ми во двособен стан, којшто подоцна стана и трособен, затоа што кујната ја направивме детска соба, а во дневната се направи кујна. Секогаш се гледало да имаме колку се може. Не сум дете родено со златна лажица, моите се работничка класа луѓе.
Кога бев мал мајка ми беше секретарка во фирма за аларми, а претходно била гимнастичарка и од неа влечам гени.
Имаше 3, 4 нејзини медали коишто ги чуваше и многу ми е криво што ги немам денес. Некаде биле ставени по кутии во гаража, па баба ми ги фрлила.
А многу би сакал сега до моите медали да си ги имам и ставам медалите од мајка ми.

Живеевме во Железара, едно време 5 години живеев во Автокоманда и сега повторно се вратив назад во Железара.
Со мајка ми сме оделе со автостоп до училиште, па баба ми или дедо ми пешки или со автобус ме земале.
Нормално, сум имал моменти во секојдневието кога татко ми ми недостигал. И тој и мајка ми биле млади и зелени и така знаеле тогаш.
Но, особено кога станав актер, сфатив зошто татко ми бил толку отсутен, затоа што оваа работа знае да биде немилосрдна и знае да си заглавен и по 12 часа.

