Влатко од Штип ја запроси Емилија од Скопје во вила во Охрид – романтична атмосфера, подготовките траеле 1 месец
- Детали
- вторник, 28 октомври 2025
„Се одлучив за Охрид бидејќи е стар град со традиција, место што често го посетуваме и секогаш ни буди посебна топлина и спокој. За декорацијата имав помош, а подготовката траеше повеќе од еден месец. Вилата беше прекрасно украсена, во позадина свиреше италијанска музика, а во воздухот се чувствуваше магија“ - раскажува Влатко за запросувањето на саканата Емилија.

Влатко Стојанов (29) од Штип, по професија бербер и неговата девојка Емилија Петковска (29) од Скопје, која работи како маркетинг менаџер, се заедно 3 години и 2 месеца.

Неодамна тие се свршија, а Влатко ја запроси саканата на романтичен начин во вила во Охрид.
Вилата била декорирана со огромно срце направено од рози, многу свеќи, шампањ и букет цвеќе, за што тој имал помош, но признава дека имал и трема.
За запросувањето, Влатко раскажува за CRNOBELO.com:
„Заедно сме три години и два месеца, исполнети со многу љубов, почит и заеднички спомени.
Запросувањето се случи во Охрид, во една прекрасна вила во стариот град, со поглед кон магичното Охридско Езеро.
Се одлучив за Охрид бидејќи е стар град со традиција, место што често го посетуваме и секогаш ни буди посебна топлина и спокој

За декорацијата имав помош, затоа што целата организација бараше многу посветеност и внимателен избор на детали.
Подготовките траеја повеќе од еден месец, и можам да кажам дека реализацијата целосно ги исполни моите очекувања.
Кога пристигнавме во вилата, најпрво се сместивме, потоа се средивме за прошетка, испивме кафе покрај езерото и уживавме во мирот на денот.

По ручекот, тргнавме да се прошетаме низ стариот град и да ги разгледаме убавините што ги нуди Охрид, но тоа не беше по мојот план.
Ветерот во Охрид беше мојот сојузник – го искористив моментот и предложив да се вратиме кон вилата.
Влегов прв, а внатре атмосферата беше совршена: вилата прекрасно украсена, во позадина свиреше италијанска музика, а во воздухот се чувствуваше магија.

Имав трема дали сè ќе биде како што замислив, но кога ја видов нејзината реакција – изненадена, збунета, но пресреќна – знаев дека моментот е совршен.
Без двоумење таа кажа „ДА“, и секако – имаше и солзи радосници“.




Повеќе фотки од парот:





©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
М. М. | Црнобело