Каролина пие кафе од навика, Васил Гарванлиев се буди со дупло еспресо во 5 - Кафе-ритуали на познатите Македонци
- Детали
- вторник, 18 ноември 2025
„Најубавото макијато дефинитивно го пијам во ателјето во Тетово, направено од комшиската чајџилница и истото чини 40 денари. А не разбирам ни што е безкофеинско кафе. Кој душман го измисли тоа?!“ - вели дизајнерот Златко Јовановски. Какви кафе-ритуали имаат познатите Македонци?

За некого кафето е вистински ритуал, за други тоа е само „течност“ која им помага да се расонат и да го поминат денот.
Едни обожаваат силно, црно кафе без додатоци, други повеќе уживаат во „тортите“ со шлаг, цимет, чоколадни додатоци и многу калории.
Но, какви се кафе-ритуалите на неколку Македонци од јавниот живот?
Каролина Гочева, Елена Најдоски, Златко Јовановски, Мартина Михајловска, Васил Гарванлиев, Сандра Кирков, Костадин Захов и Бубе Јаневска ни ги открија своите навики и какво кафе обожаваат:
Манекенката и поранешна водителка Мартина Михајловска - зависничка од кафе
Искрено, огромен фан сум на кафе, можам слободно да кажам дури и зависничка. Кафето ми е најомилен дел од денот.
Утриното никогаш не ми започнува без првата шолја турско кафе без шеќер, најчесто дома и сама.
Тоа ми е момент да се разбудам, да се организирам без брзање, како мал ритуал и време за себе.
Во текот на денот имам уште една доза кафе, но таа е посебна - тоа е кафето што го пијам со најблиските, со пријателите, обично некаде надвор.
Тоа кафе ми е чисто уживање, момент за разговор, смеа и полнење позитивна енергија. Така го спојувам ритуалот на пиење кафе со убаво друштво.
За мене, кафето е посебен момент што ме поврзува и со себе и со луѓето што ги сакам.

За Елена Најдоски кафето е вистински утрински ритуал
Кафето ми претставува вистински ритуал. Секое утро, веднаш штом станам, го подготвувам со посебно внимание - прво си цедам сок или земам некое овошје, па потоа следи кафето.
Тоа ми е дел од утринската рутина што ме смирува и ме подготвува за денот.
Најчесто пијам макијато, не со многу млеко - повеќе како еспресо со малку млеко, средна мера.
Го пијам со пола лажичка шеќер, токму толку колку што треба за да ја почувствувам вистинската арома.
Вообичаено го пијам дома, сама, во тишина - тоа ми е најомилениот момент од денот.
Второто кафе, ако го пијам, секогаш е во друштво, некаде надвор со пријатели.
Тогаш кафето има поинаков вкус, поврзан со убав разговор и смеа.
Многу повеќе ми годи кога самата си го правам, особено турското кафе - имам чувство дека никој не може да ми го направи баш така како што јас сакам, па затоа секогаш си го приготвувам сама.
Понекогаш знам да се напијам и навечер, ако ми недостига енергија, но никогаш не ми создава несоница.
За мене, кафето не е само пијалак, тоа е мал, топол ритуал што ме исполнува со мир, енергија и убаво расположение.

Голманот Костадин Захов сам си го меле кафето пред да го подготви
За мене кафето не е потреба, туку ритуал со кој го почнувам денот.
Сакам сам да си го направам првото кафе, а тоа е една филтерска постапка по име V60.
Најпрво рачно го мелам кафето кое е во зрно за да добијам свеж мирис и вкус, а после тоа има едноставна постапка која трае околу 3-4 минути.
Измеленото кафето го ставам во хартиениот филтер, а водата која е стоплена на околу 92-93 степени полека и кружно ја истурам врз кафето.
За неколку минути постапката е готова и кафето има одличен мирис и вкус, а количината на кофеин е помала од онаа во домашното (турско) кафе што го вариме.
Уживам и кога го пијам кафето сам, а и кога сум во друштво.
Понекогаш, навечер пред да заспијам ме возбудува помислата како следното утро го правам и пијам кафето, и тоа е среќа.

