Октај Сејди искрено и со солзи за почетоците и поддршката: „Мајка ми ме движи во животот, татко ми сакаше да завршам факултет“
- Детали
- вторник, 11 ноември 2025
„Татко ми сакаше да бидам високо образован, додека јас сакав да го работам ова денес што сум. Го памтам денот и моментот кога татко ми отишол во продавница, му кажале дека ме има во весник како успешен фризер, а тој немал поим. Тогаш ми рече 'Бев многу среќен, ги почестив сите'. Сонот на едно мало дете не смее никој да го уништи, ниту родителите“ - вели нашиот фризер Октај за моментите кога го започнал бизнисот на 20 години, а кога проговоре за поддршката од мајка му, со солзи во очи, не можеше да продолжи да зборува на темата.

Октај Сејди е наш млад и талентиран фризер и стилист, кој веќе неколку години наназад соработува со познати лица од домашната и регионалната сцена.
Приватно тој е многу близок со Нина Ред, заедно патуваат, а сега тој беше гостин во нејзиниот нов подкаст RESET, кој е наменет за искрено да се зборува за ментално здравје, за емоциите, да се отвори душата и да се срушат стереотипите на општеството.
Во неговото гостување тој зборува за почетоците во кариерата, за тоа колку е тешко да се стигне до врвот и дали во меѓувреме се губат пријатели, колку му е важно мислењето на другите, но и остварувањето на сопствениот сон.
„Немам цел да сум најдобар, само да сум доволен. Не морам да сум перфектен.
За мене сум доволен и доста ми е, и за луѓето околу мене, штом сум доволен, на прав пат сум. Жал ми е што луѓето не си се радуваат на меѓусебни успеси.
Имам многу малку пријатели, не сакам многу. Како што растеме, кругот се намалува.
Немам повеќе пријатели од една рака, дури и тоа е многу.
Искрено, сè додека бев околу планината многу луѓе имаше, како почнав да одам кон врвот, сфатив дека е ем поладно, ем е помрачно, ем си посам во тој пат.
Остануваат само вистинските пријатели, од кои едната си ти. И сфатив дека не ми требаат многумина. Земаат енергија, нема да ме сфатат...“
За себе вели дека е човек кој на животот гледа позитивно, но и го доживува како подарок од Бог, бил принуден да порасне побрзо заради околностите, но благодарен е што сега веќе е изграден, а возвраќа така што често прави добри дела.
На прашањето што е тоа што го допира емотивно до срж, вели:
„Многу сум емотивен човек, длабоко емотивен. Не знам како изгледам однадвор, ама сè што правам правам со чувства, ништо не е само логично.
Мора да е направено и со срце секое дело, што и да е. Ништо не правам површински.
Мразам и кога нешто копираат, не копирам никого, гледам да сум свој и уникатен. “

Но, на ова Нина се обиде да допре уште подлабоко до него и раскажа дека таа била сведок дека неговата мајка секојдневно одела во неговиот салон, се восхитувала на неговата работа и успех и била тука до него како негов ангел-чувар.

Тој не успеа да ги задржи солзите, и накратко колку што успеа, за својата мајка рече:
„Нема ништо подраго од мајка. Битна ми е нејзината насмевка. Не се вечни, никој не е, но сакам да биде горда мајка во секоја доба, како што е.
Многу ме движи таа како мајка. Ме порасна со други верувања, таа поразлично гледа на светот. Ме научи дека од мал јас не смеам да газам ни на мравка.
Јас тоа не го сфаќав, дете бев, си играш на улица, газиш. Ќе ми кажеше Октај зошто вака правиш, они тоа го направиле, не смееш да го нарушиш.
Ако продолжам нема да можеме да завршиме до крај, другпат ќе разговараме на оваа тема“.

