Бранкица од Пробиштип прави торти за деца кои не можат да си дозволат: „На едно од нив никогаш не му славеле роденден“
- Детали
- петок, 14 ноември 2025
„Боледувам од Мултипла склероза, па затоа секоја насмевка на малите сонца ми ја полнат душата со убавина, мир и спокој во срцето. Реакцијата на децата кога ќе ја добијат тортата е буквално за да се расплаче човек. На последното детенце на коешто му направив торта, никогаш не му славеле роденден и кога ми пратија видео, детето не знаеше како да реагира, толку многу се растажив“ - вели за CRNOBELO.com Бранкица Миновска (37) од Пробиштип.

Бранкица Миновска од Пробиштип е жена која ја враќа вербата во добрината и хуманоста на луѓето.
Таа е 37-годишна мајка на две деца, Гораст и Дина, која боледува од Мултипла склероза, но не дозволува дијагнозата да ја спречи да живее.
Освен што се бори за себе, да остане позитивна и да не се предава на болеста и сето она што доаѓа со неа, Бранкица сака да прави добри дела и да помага на луѓе кои не можат да си дозволат мали задоволства.

Оваа мајка секој месец прави и подарува торта за социјално загрозени семејства, односно за деца кои во овој скап живот, не знаат што е роденденска торта или прослава.
Во светот на Инстаграм, кога некои родендени се како излезени од бајки, жално е што во реалноста има и дечиња кои никогаш не почувствувале ниту како е да се дувнат свеќички на роденденска торта.

Вели дека и самата знае како е да се нема, а со својата добрина, талент и вешти раце, пробува барем малку да придонесе за среќата на децата.
За CRNOBELO.com Бранкица кажува накратко за својата идеија, подвиг, но и за реакциите на дечињата кога ќе добијат торта:
„Идејата не беше случајна, бидејќи сум човек кој секогаш кога имам шанса, помагам. Знам што е да немаш, а знам и како е да имаш.
Јас инаку боледувам од Мултипла склероза, па затоа секоја насмевка на малите сонца ми ја полнат душата со убавина, мир и спокој во срцето.
Тортите ги правам во договор со децата, какви што сакаат да бидат, но тешко се наоѓаат дечиња, бидејќи луѓето се срамат да побараат помош во ова прескапо време.

Тешко е да се најдат, но се трудам преку објави на Фејсбук и Инстаграм, како и на мојот профил cake_and_ pleasure.

Реакцијата на децата кога ќе ја добијат тортата е буквално за да се расплаче човек.
На последното детенце на коешто му направив торта, никогаш не му славеле роденден и кога ми пратија видео, детето не знаеше како да реагира, толку многу се растажив.

Имам голема поддршка од мојот сопруг, тој ми помага да ги доставам до местото каде што треба.
Водилка во животот ми е дека мојата болест ме научи дека животот може да те турне толку ниско, но битно е да останеш човек“.

Она што со сигурност го знаеме, е дека дефинитивно ни се потребни повеќе луѓе како Бранкица, кои несебично даваат сè што можат, независно колку е тоа, за да направат некого барем малку посреќен од вчера.
Кога се сака, ништо не може да биде пречка, а Бранкица со својата дијагноза е доказ за тоа.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
М. М. | Црнобело