Горан Папаз, татко на предвремено родена тројка: „Девојчињата беа месец и пол во болница, Лазар го чуваа бабите и дедовците“
За тоа како е во домот одеднаш да дојдат три бебиња, Горан раскажува:
„На почетокот се толку тивки, спијат, го немаш чувството, премалечки беа, како да немаш бебенца. После месец, веќе кога почнаа да се очовечуваат, веќе почнавме да чувствуваме дека имаме дома 3 бебиња.
Со Нате се шегуваме дека дури сега веќе ни е легната информацијата дека имаме 3 бебиња вистина дома. Наши.
Среќни сме и благодарни на сите околу нас кои ни помагаат, посебно на родителите кои се уште витални, без нив ништо немаше да направиме. Ќе функциониравме, но ќе бевме прегорени. Сега сме изморени но нормално.
Кога сум сам со две од нив не ми треба помош немам проблем, но кога се сите три будни, веќе ми треба помош.
Кога ќе се разбудат не плачат, туку интересни се зашто ѕиркаат низ дупчињата и се бараат еден со друг, си комуницираат на нивни јазик.
До 6-тиот месец не се перципираа, а сега веќе се смеат кога ќе се видат и си кажуваат нешто на нивниот јазик“.
Горан признава дека иако двајцата биле активно вклучени, сепак помошта од нивните родители била неопходна за да можат нормално да функционираат.
„Додека децата беа во болница, сопругата одеше секој ден за да се измолзува, за да им дава мајчино млеко на девојчињата, а Лазар го чуваа дома бабите и дедовците додека ние бевме таму, па му даваа адаптирано млеко.

Тоа ни помогна затоа што ниту една мајка не може да дои три бебиња, без разлика што имаше млеко, физички беше невозможно да се постигне сето тоа, и мислам дека нема ништо лошо во тоа, си растат.
Првата недела качуваа по 20-30 грама, а нас тоа ни беше wow, се радувавме на многу мали работи. Сега дури ни кажуваат и да намалиме, дека се дебелки, иако јас не ги гледам така“.
Toj објасни и како се превезуваат, нешто што веројатно многумина ги интересира кога ќе се најдат во таква ситуација:
„Првото нешто што го направивме пред да се родат, обезбедивме возило, седмосед, каде што може да се возат најмалку 6 луѓе.
Морам да кажам дека џабе го купивме, пак ни е малку. Кога ќе ги дигнеш седиштата позади, немаш ѓепек.
Среќа купивме едно како вагон, за 4 бебиња, еден спроти друг седат и кога ќе се спакува е големо, но сепак не се три колички.
Но, и тоа не го собира во ѓепек и мора да купиме куфер за одозгора. Јас сакав комбе, а Нате немаше шанси да се согласи, но само тоа е решението“.
За крај вели дека сите кои ќе го доживеат ова, треба да останат смирени и позитивни, без да креваат паника.

Погледнете го видеото:
Прочитајте го и интервјуто за CRNOBELO.com со нив од март 2025: Наташа и Горан Папаз се родители на тројка: „Плачат сите наеднаш, трошиме по 24 пелени дневно, но ова е убава песна“
М. М. | Црнобело
