Јелена Спенџарска за зрелоста: „Не одам на настани ако нема каде да седнам, не се оправдувам никому“
- Детали
- четврток, 20 ноември 2025
„Кога станав човек што се радува на тенџериња и украси за дома? Возрасноста ме изненадува. Се возбудувам кога сите сметки ми се платени. Не одам никаде каде што не можам да седнам, ве молам не ме канете на настани каде што се стои, грбот и колената ме болат“ – Јелена Спенџарска брутално искрена за зрелоста.

Јелена Спенџарска е позната по тоа што е секогаш искрена и реално ги прикажува работите во животот, независно кому и дали ќе му се допаѓаат.
Овој пат таа зборува за нивоата на зрелост кои ги достигнала со текот на годините и искуството.
Веројатно многумина ќе се препознаат, дури и да не сакаат да признаат, а со оваа објава таа ги поттикнува и следбениците да се приклучат на листата.
Таа сподели повеќе фотографии од патувања, кафе поминато во мир покрај вода, но и од моментите поминати во домот, кој ѝ е незаменлив простор.
Целосната објава прочитајте ја во продолжение:
Нивоата на зрелост кои ги достигнав
Не одам никаде каде што не можам да седнам: Ве молам, не ме канете на настани каде што се стои. Грбот ми е како на 65-годишник.
Колената ме болат без причина. Ако нема каде да седнам – не доаѓам. Ми треба столче, кауч, што било. Да стојам со часови? Тоа е за млади.

Го избирам патувањето како начин да се запознаам повторно со себе: Не за бегство – туку затоа што новите средини ми откриваат страни од мене што не сум знаела дека постојат.
Да си го платам билетот, да се движам слободно, да набљудувам нечиј туѓ живот и култура… тоа ме расте.
Убаво е чувството кога знам дека можам да се „обновам во секое време и на кое било место.

Моите родители сега ми ги пријавуваат браќата/сестрите на МЕНЕ: „Кажи му на брат ти, не нè слуша“.
Чекај, кога точно станав резервен родител? Кога почнаа да ме гледаат како авторитет? И убаво е и напорно во исто време.

Да немам повеќе причина да лажам: си го сакам искрениот, структуриран живот што го живеам. Возрасна сум. Никој нема да ме кара.
„Каде одиш?“ Надвор. „Со кого?“ Со пријатели. „Кога ќе се вратиш?“ Кога ќе се вратам.
Слободата е поинаква кога ќе сфатиш дека повеќе никому не должиш објаснување.

Да разберам дека секој знае што прави:
Возрасни сме, свесни сме дека нашето однесување влијае на другите. Ако некој постојано преминува граници, нема петпати да објаснувам.
Или ќе те предупредам еднаш, или тивко ќе се оддалечам. Премногу сме возрасни за исти лекции постојано.

Најмногу копнеам по мир: Не возбуда, не драма, понекогаш ни забава – само МИР. Мир дома, мир во односите, мир во глава.
Доста ми беше хаос. Мирот ми е љубовен јазик сега. Ако ми го нарушиш, не е битно колку си важен – ќе ме гледаш поретко.

