Јелена Спенџарска искрена: „Во ред е да плачеш наместо да глумиш сила, да изгубиш контакт со некои луѓе - ништо не е трајно“
- Детали
- среда, 12 ноември 2025
„Нормално е да не си го сакаш работното место понекогаш дури и ако тоа е твојата работа од соништата. Нормално е да ти треба повеќе време да заздравиш. Не постои „правилен“ рок за болката. Телото и срцето не го мерат времето со календар туку со љубов, со прифаќање и со трпение. Не си „заглавена“ затоа што сè уште боли“ - вели Спенџарска.

Водителката и инфлуенсерка Јелена Спенџарска е една од нашите јавни личности кои се најактивни на Инстаграм.
Таа не се „плаши“ да се појави без шминка, да каже кога ѝ е тешко, но и да открие кога ѝ е убаво во животот.
Поттикната од работите што ги живее секојдневно, таа го сподели своето мислење на темата „Што е нормално“.

Јелена на Инстаграм објави десетина фотки и секоја од нив ја поврза со своето размислување за тоа што луѓето треба да го прифатат како нормално, да не паѓаат кога им е тешко, да си дозволат да уживаат во своето сопствено друштво, да не потпаѓаат под илузии на совршенството што се нуди на социјалните мрежи, но и да плачат кога ќе им се плаче.
Во објавата, таа напиша:
„Понекогаш мислам дека сите малку полудуваме обидувајќи се постојано да изгледаме добро наместо да се чувствуваме добро! Ама знаеш што е всушност нормално???
Работи кои забораваме дека се нормални:
Да грешиш - па дури и да ја повториш истата грешка уште еднаш. Некои лекции подоцна се учат, океј е.
Да кажеш „не знам“. Не мора да имаш став за секоја тема на светот.

Да не си го сакаш работното место понекогаш дури и ако тоа е твојата работа од соништата.
Да не си сигурна каде одиш во животот! Сите глумат дека знаат, а никој нема појма, верувај ми. Не си сама.
Да сакаш да бидеш сама. Тоа не значи дека си антисоцијална, едноставно така „се полниш“. Го избираш мирот пред вревата.

Да плачеш. А понекогаш телото само сака да го пушти тоа што не можеш да го објасниш со зборови. Не си премногу чувствителна - само знаеш да чувствуваш длабоко. И тоа е прекрасно, особено во свет што те учи да глумиш сила.
Има денови кога едноставно немаш инспирација или енергија. И тоа е сосема во ред. Не значи дека си мрзлива, ниту дека не успеваш - само си човек. Опуши се, ништо не си изгубила само полниш батерии.
Да уживаш во својот дом. И не, не пропушташ ништо. Само Инстаграм ќе те убеди дека сите се на најјаката журка. А вистината? Половина од нив сакаат да се дома како тебе. Не мора секогаш да бидеш насекаде. Доволно е да си со себе.

Да изгубиш контакт со некои луѓе. Животот постојано носи и одзема. Ништо не е трајно - ни луѓето, ни местата, ни чувствата. Но токму во тоа има убавина во постојаното доаѓање и заминување, во учењето да пуштиш, и повторно да се отвориш за она што ќе дојде.
Да ти биде страв кога почнуваш нешто ново. Стравот не значи дека не си подготвена, туку дека ти е важно! Ако не ти е барем малку страв, веројатно не е нешто големо. Сепак, направи го тоа.
Нормално е да ти треба повеќе време да заздравиш. Не постои „правилен“ рок за болката. Телото и срцето не го мерат времето со календар туку со љубов, со прифаќање и со трпение. Не си „заглавена“ затоа што сè уште боли. Само си човек што сè уште чувствува. Ова не е трка туку процес.
Не мора секогаш да знаеш што правиш. Само биди присутна. Никој не живее совршено - сите носиме по нешто свое. Секој има своја среќа, свој немир, своја приказна. Затоа избери разбирање наместо осуда и благодарност наместо споредување“.

Погледнете ја нејзината објава:
А. Ј. | Црнобело
