Денес се слави св. Георгиј Победоносец – витез на коњ кој го штити народот и помага на тие што го слават
- Детали
- вторник, 09 декември 2025
Св. Георгиј е познат како великомаченик, победоносец и чудотворец. Според легендата, ја убил ламјата што на народот му правела голема штета и токму така е претставен на иконата. Се верувало дека свети Ѓорѓија знае да им помогне на тие што се во неволја. Најчесто се појавува во облик на млад витез на коњ, а најмногу им помага на оние што го слават неговиот ден.

Во есенскиот циклус има два празници посветени на Свети Ѓорѓи, првиот на 16-ти ноември, а вториот, денес, на 9-ти декември.
Светиот великомаченик, победоносец и чудотворец Георгиј се родил. Живеел и пострадал при крајот на третиот и на почетокот на четвртиот век, во времето на владеењето на Диоклецијан, кој од 303-та година почнал силен прогон против христијаните.
Пред крајот на својот живот, кога бил во затвор свети Георгиј побарал да го посети неговиот слуга. Тој го замолил, по смртта неговите мошти да бидат пренесени во Палестина, родното место на мајката на светецот.
Царот Константин кој многу го почитувал свети Георгиј, во Лида во Палестина изградил голем храм посветен на светецот и таму било положено неговото тело.

По пишувањата на Бигорски, според земскиот светоглед Св. Георгиј бил војник, поточно, воен трибун – висока чиновничка позиција во војската – во служба на римскиот император.
Но, од духовен аспект, Свети Георгиј бил, пред сè и над сè, служител и војник на бесмртниот Цар – Христос.
Својата преданост кон вечниот Цар тој ја посведочил со тоа што пострадал за Него како добар и верен војник, за да постане траен соборец на христијаните во борбата за доброто.
Но при сите маки тој непрестајно го молел Бога и Бог го исцелувал, за да сведочи пред светот дека љубовта, побожноста и верата се посилни од сè.
Светиот добропобеден Великомаченик Георгиј дополнително се нарекува и ‘Победоносец’, бидејќи тој, со своите славни чудеса, им донел безброј добри победи на христијаните.

Храбро пострадал, за Христа, но се овенчал со венец на неовенлива слава и станал вечен военоначалник и победник во доброто.
На иконата св. Георгиј е претставен како војвода на коњ како со копје убива ламја која е под копитата на коњот.
Приказот на свети Георгиј како ја убива ламјата е заснован на популарна легенда во христијанската митологија. Според легендата, св. Георгиј ја убил ламјата што на народот му правела голема штета.
Свети Георгиј има две големи победи. Првата била победата над ѓаволот, над сатаната, над гревот – и го подигнал трофејот на знамето на Крстот. А втората победа е онаа што им ја дарува на сите луѓе кои му се молат.
Се верувало дека свети Георгиј знае да им помогне на тие што се во неволја. Најчесто се појавува во облик на млад витез на коњ, а најмногу им помага на оние што го слават неговиот ден.
