„Јас сум машко, треба да ме слушаш и да не ме правиш нервозен“ - Наш психолог за жените жртви на насилство
- Детали
- среда, 17 декември 2025
„Кога му реков дека не сакам таа вечер, ми се приближи и со ладен тон ми рече: Признај, со кого се е*еше кога не бев тука?“, „Ме будеше среде ноќ за да се караме, велејќи дека ‘мора да расчистиме сега’“, „Ми го скина фустанот затоа што, според него, ‘премногу гледале во мене’“, се дел од работите кои Стефанија Арсова, психолог од Свети Николе, постојано ги слуша околу себе.

Стефанија Арсова од Свети Николе е дипломиран психолог, а тековно е и на едукација за семејна и системска психотерапија.
Таа вели дека многу жени жртви на психичко насилство од Македонија, всушност не препознаваат дека се жртви.
Стефанија споделува со какви ситуации се соочуваат жените, а не се свесни дека всушност трпат психичко насилство.

Нејзината објава која допира до срце гласи:
„Агресивно ме прашуваше за кого ја сменив бојата на косата, кога ТОЈ тоа не го бараше“.
„Кога му реков дека не сакам таа вечер, ми се приближи и со ладен тон ми рече: Признај, со кого се е*еше кога не бев тука?“

„Кога ќе се расплачам од неговите зборови, ми се потсмева и вели: Ајде, пак ти доаѓа циклусот, нели?“
„Ми забрани да носам црвен кармин, бидејќи тоа било провокативно“.
„Кога ми требаше време за себе, велеше дека сигурно имам некој друг“.
„После секој удар или секој вик, ми шепнуваше: Ти го правам ова затоа што те сакам”.
„Кога излегов со колешките на кафе, ми рече дека сум заборавила дека дома имам маж“.
„Секој месец ми ја зема платата, вели дека знае подобро како треба да се трошат парите“.
„Кога не му се допадна како зборувам, ја скрши чашата од ѕидот до мојата глава“.
„Ме будеше среде ноќ за да се караме, велејќи дека ‘мора да расчистиме сега’“.
„Ми го скина фустанот затоа што, според него, ‘премногу гледале во мене’“.
„Ме држеше за вратот, а потоа ми велеше дека претерувам...дека само се шегувал“.

„Еднаш гледавме квиз на телевизија. Не го знаев одговорот на едно прашање, а тој се насмеа и рече: Па, од тебе не ни очекував повеќе“.
„Велеше: Јас сум машко. Ти треба да слушаш и да не ме правиш нервозен“.
А зад секоја жена што трпи, стои општество што ја прашува: Што направи за да го изнервираш?
Да не ги воспитуваме ќерките да трпат, туку синовите да не удираат.
И ако навистина сакаме подобро општество, мора да почнеме од таму - од домот. Од начинот на кој зборуваме. Од примерот што го даваме. Од тоа како ја дефинираме љубовта и што дозволуваме во нејзино име“.
С. С. | Црнобело / фото: depositphotos.com