Марко Пејчиновски: „Како мали со брат ми го видовме татко ни како чисти една гнасна кофа - добивме важна поука“
- Детали
- вторник, 17 февруари 2026
„Го прашавме татко ни: „Како не ти е гнасно тоа да го чистиш?“ Тој престана со миењето, нè погледна во очи и рече: „Деца… сè што е вака гнасно се чисти со малку вода и сапун, но...“, споделува од срце нашиот херој од реалноста Марко Пејчиновски.

Марко Пејчиновски е млад македонски пливач и хуманитарец од Охрид, познат по своите подвизи во маратонско пливање и по подигнување на свеста за ретките болести.
Тој боледува од ретка болест (спинална мускулна атрофија), но и покрај тоа успеа да исплива долги делници во Охридско Езеро, вклучително и рутата од Свети Наум до Охрид.
Со своите подвизи ни е симбол за упорност, храброст и инспирација.

Марко често ја истанува важноста на семејството, како и на религијата.
Сега, на својот Фејсбук профил тој му посвети емотивна објава на својот татко.
Oбјавата на Марко:
„Кога бевме мали, јас и брат ми го видовме татко ни како чисти една гнасна кофа и го прашавме:
„Како не ти е гнасно тоа да го чистиш?“
Тој престана со миењето, нè погледна во очи и рече:
„Деца… сè што е вака гнасно се чисти со малку вода и сапун, но кажаниот лош збор и направеното лошо дело не можат да се исчистат…“

Тогаш тоа што ни го кажа татко ни не ни правеше смисла, но како што растев и учев, прочитав нешто слично во Библијата, кога Исус рекол:
„Не разбирате ли дека ништо што влегува во човекот однадвор не може да го оскверни? Зашто тоа не оди во срцето, туку во стомакот и излегува надвор, чистејќи ја сета храна.“
„Она што излегува од човекот, тоа го осквернува човекот...“

Денес тоа ни служи како голема лекција во животот.
Зборовите имаат огромна моќ и затоа треба да бидеме претпазливи како и кон кого ги користиме, бидејќи тие не се чистат, ниту од човекот на кој сте му ги кажале, ниту од вашата совест.
Да се научиме да ги користиме зборовите за ширење љубов, а не омраза.

А читајќи ја Библијата, освен што ми се разјасни лекцијата од татко ми, разбрав и дека Бог го одбрал најдобриот татко за мене и брат ми...
Се надевам дека ќе бидам барем една третина од мажот и таткото што е тој...“
Инаку, објавата е инспирирана поради тоа што неодамна од печат излезе книгата „Во чекор со судбината“ за животната приказна на Марко Пејчиновски, а напишана од неговиот татко Тони Пејчиновски.
С. С. | Црнобело
