Кристина од Скопје е на семеен одмор во Дубаи: „Се плашиш од секој звук, а си дошол на патување со деца“
- Детали
- понеделник, 02 март 2026
„Деновиве имаше многу ракети, звукот е језив, а уште постресно е кога ќе се слушне експлозија од системот за одбрана. Во еден миг дури и прозорците се затресоа и надвор имаше црн чад и мирисаше на изгорено. Доаѓаш на долго планиран одмор, а сега следиш инструкции и се плашиш на секој звук, посебно кога си фамилијарно со мали деца“, вели Кристина Најдовска за CRNOBELO.com, која е моментално во Дубаи.

Кристина Најдовска со сопругот и двете деца, близначиња, периодов престојува во Дубаи.
За жал, нејзиното долго планирано патување, на дестинацијата која ја обожава и ја има посетувано и во минатото, се претворило во стрес и неизвесност поради конфликтот на Иран со САД и Израел.

Иран лансираше масовни воздушни напади, ракети и беспилотни летала (дронови), кон територијата на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), вклучително и Дубаи и Абу Даби, како дел од одмаздничките акции по претходните удари на САД и Израел врз Иран.
Нападите беа насочени кон различни амерички бази низ земјата, a најмалку 165 балистички ракети, 2 крстосувачки ракети и преку 500 дронови беа детектирани од ОАЕ.
фото: depositphotos.com
Што беше погодено во Дубаи?
Од остатоци/делови од пресретнати ракети или беспилотни летала, а не од директен удар беше погоден „Fairmont The Palm“ (луксузниот хотел на вештачки архипелаг Палм Џумеира), а оштетување имаше и на иконскиот хотел „Burj Al Arab“ и во околината на аеродромот во Дубаи.
Кристина за CRNOBELO.com открива какве е ситуацијата таму во моментов:
„Искрено, ситуацијата секој ја доживува различно и зависи во кој дел од Дубаи се наоѓа.
Ние сме во ЈБР и овде деновиве имаше многу ракети, звукот е језив, а уште постресно е кога ќе се слушне експлозија од системот за одбрана.
Во еден миг околу 9:30 наутро од силата дури и прозорците се затресоа и надвор имаше црн чад и мирисаше на изгорено.
Падот од дел од ракета во хотелот „Фермонт“ на Палмата направи звукот да е баш јак.
Постара фотографија од Кристина во Дубаи
Не е вообичаена ситуација за да ти е сеедно, доаѓаш на долго планиран одмор, а сега следиш инструкции и се плашиш на секој звук, посебно кога си фамилијарно со мали деца.
Уште по параноја можеби прави што знаеш дека нема од каде да леташ, сè околу тебе е затворено.
Дубаи нема скривници, единствено се гаражите. Храна/вода има сè.
Денес резидентите беа смирени, веруваат во системот на одбрана на ОАЕ.
фото: depositphotos.com
Властите нè известуваат со emergency alert и насоки.
Со нашата амбасада сме во контакт. За сите оние кои им се истечени резервациите, државата ги покрива трошоците за периодот кој би требало да останат.
Со надеж дека ќе се смири ситуацијата побргу“.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
С. С. | Црнобело
