Ана, наша стјуардеса во Дубаи, за CRNOBELO: „На 20 минути од мојот дом има американска база, куќата ми се тресеше“
- Детали
- понеделник, 02 март 2026
„Кога се случи првиот ракетен напад бев дома, само што слетав назад од Цирих. Кога слетав во Дубаи, сè си беше најнормално, но потоа настана хаос. Блиску до мојот дом има и залив каде што се паркирани 5 или 6 американски бродови, па гледав сè одблиску...“, вели Ана Колевска од Скопје за CRNOBELO.com.

Ана Колевска од Скопје, по професија забен техничар, веќе години наназад работи како стјуардеса во Дубаи.
Таа за CRNOBELO.com вели дека кај неа на работа е хаос поради конфликтот помеѓу Иран и САД и Израел, како и ракетните напади од Иран кон американските бази во Дубаи.
Сите летови од Дубаи се откажани, а таа престојува во нејзината куќа во Дубаи, која е на само 20 минути од американска база.

Ана открива дека се обидува да помогне и на македонски туристи заглавени во Дубаи, како што била ситуацијата со другар на брат ѝ, кој заглавил таму, при трансфер од Занзибар кон Белград.

Ана за целата ситуација детално споделува за CRNOBELO.com:
„Кога се случи првиот ракетен напад бев дома, само што слетав назад од Цирих.
Слетав во 7 часот наутро во Дубаи, сè си беше најнормално, немаше никакви проблеми. Не ни знаев дека има некакви тензии и никогаш не сум ни помислила дека такво нешто може тука да се случи.
Дубаи навистина е многу безбеден и тука се грижат за сè.

Си дојдов дома, си легнав да спијам и се разбудив околу 15 часот попладне, а телефонот буквално ми експлодираше…
Еден куп пораки, сите од Македонија, виделе на вести што се случува, ми се јавуваат од дома, моите, другари, другарки, сите беа загрижени дали сум безбедна.
Сè ми беше во магла, гледам на вести ракети покажуваат, се освестив и излегов надвор во двор.
Прво, мислев дека само прават некоја медиумска паника за ситница, уште не верував дека е вистина.

Излегов во двор и почнав да гледам како ракетите прелетуваат и ми стана јасно дека навистина се случува тоа. Мислев дека брзо ќе се смири, но не се смири.
Во населбата каде што јас живеам, за среќа немаше инциденти, но се слушаше сè и се гледаше сè.
Ги гледав сите ракети како летаа над мене. На 20 минути од мојот дом има американска база. Исто и залив каде што се паркирани 5 или 6 американски бродови и заради тоа сè се гледаше толку блиску.
Имаше чад и цела куќа се тресеше од експлозиите.
Скриншот од снимка на Ана
Имам другарки што живеат низ Дубаи, а една од нив баш живее кај Палмата и кај неа пред зграда се случи да паднат запалени остатоци од урнати ракети, што одбранбениот систем на Дубаи ги погодил во воздух.
Мислев дека кратко ќе трае, но стана уште поинтензивно и вечерта на секој половина час почнаа да ни стигаат предупредувања на телефон од владата дека треба сите да седиме внатре, да се тргнеме од прозорците, да не бидеме во активни зони кај што има таргет и слично.
Јас имам две другарки кои живеат во близина во згради. Па, се исплашиле и дојдоа кај мене дека јас сум во куќа.
фото: depositphotos.com
Инаку, ми се јавуваат мои другари и другарки од Македонија за нивни пријатели Македонци кои заглавиле во Дубаи за време на нивниот одмор тука или додека правеле транзит од други дестинации, како од Занзибар.
