Д-р Васка Митова, психијатар, за трагедијата во Скопје: „Длабоко трагично е што ова е проширено самоубиство“
- Детали
- четврток, 05 март 2026
„Самата жртва веројатно не гледа друг излез, се доведува до длабок очај и доаѓа до тоа едноставно да не сака да страда веќе. Излез има, но таа не го гледа...“, вели д-р Васка Митова, психијатар. Проширено самоубиство е кога жртвата верува дека со својата смрт треба „да ги земе со себе“ и другите, често поради искривена идеја дека ги „заштитува“ или дека без неа тие нема да можат да живеат.

Д-р Васка Митова, психијатар, гостуваше во емисијата „Ја сакам Македонија“, каде проговори за трагедијата во Тафталиџе, кога се случи самоубиство, односно мајка се фрли од тераса со својата 6-годишна ќерка, по години трауми и семејно насилство.

Докторката нагласи дека станува збор за проширено самоубиство.
Проширено самоубиство е термин што се користи кога лице извршува самоубиство, но притоа убива и други луѓе, најчесто членови на семејството (деца, партнер).
Ова е ситуација во која сторителот верува дека со својата смрт треба „да ги земе со себе“ и другите, често поради искривена идеја дека ги „заштитува“ или дека без неа тие нема да можат да живеат.

Д-р Васка Митова за трагедијата во Тафталиџе вели:
„Самата жртва веројатно не гледа друг излез, се доведува до длабок очај и доаѓа до тоа едноставно да не сака да страда веќе.
Излез има, но таа не го гледа.
Длабоко е трагично тоа што овде станува збор за проширено самоубиство, не губиме само мајка, губиме и малолетно дете, коешто е особено трауматично и трагично.

За тоа веројатно постојат неколку причини.
Една од причините е од алтруистичен аспект, во смисла дека мајката верува дека веќе нема излез и не гледа излез.
Таа е во таква тешка, длабоко фрагилна психичка состојба, каде што е очајна и каде што не гледа излез и единствениот излез за напуштање на ова страдање, на овој свет, го гледа преку ‘спасување’ на себе и ‘спасување’ на самото дете.

Дополнително може да имала одредена делузивна клиничка слика, каде што може да има и одредена психотична симптоматологија, во смисла тоа да е единствениот излез којшто го гледа, којшто се базира на одредена реалност, бидејќи реалноста за неа е навистина тешка и трауматична.
Особено после такви продолжувани насилства кои што биле на некој начин хронични.
И она што се случува е когнитивното сфаќање на мајката дека има само некаков спас кој таа го гледа, а тој ‘спас’ е напуштање на овој свет“.
Изјавата на д-р Васка Митова:
С. С. | Црнобело