CRNOBELO анкета за 8 Март: Кои се најинспиративните жени во животот на успешните Македонци?
Бобан Илиоски, неколкукратен светски шампион во кик-бокс

Светскиот шампион во кик-бокс (двапати амаерски и двапати професионално), неодамна најави дека ја завршува кариерата поради повреда, но своето знаење сега успешно го пренесува на младите генерации, преку својата школа за кик-бокс.
А како жена која најмногу го инспирирала, но и му дала најдобар совет во животот ја избра својата мајка.
Па на нашите 4 анкетни прашања, Бобан вели:
Која е жената која најмногу ве инспирирала во животот и зошто?
Тоа дефинитивно е мајка ми. Не поради некои големи достигнувања, туку поради начинот на кој се справуваше со животот.
Секогаш беше силна кога требаше, дури и кога ѝ беше тешко.
Од неа научив што значи да не се откажуваш, да бидеш посветен и да сакаш безусловно.
Преку нејзиниот пример сфатив дека храброста не значи да немаш проблеми, туку да продолжиш понатаму без разлика на сè.
Кој е најдобриот совет што сте го добиле од жена во животот?
„Биди свој, дури и кога не е најлесно“ - овој совет ми остана во глава.
Ме потсетува дека не вреди да се менуваш за да им угодиш на другите.
Подобро е да си верен на себе, па макар и да не им се допадне на сите.
Тоа ми помогнало многупати да донесам одлуки со кои сум мирен.

Кога би ѝ се заблагодариле на која било жена во живот, која би била таа и што би ѝ рекле?
Повторно би ја избрал мајка ми.
Би ѝ рекол едноставно: „Фала ти за сè“.
За поддршката, за трпението, за вербата во мене и тогаш кога јас не сум верувал во себе.
Многу од работите што сум ги постигнал се и нејзина заслуга.
Која е една вештина или особина на која најмногу ѝ се восхитувате кај жените?
Најмногу ја ценам нивната способност да разберат и да почувствуваат.
Таа емпатија што ја имаат прави луѓето околу нив да се чувствуваат слушнати и разбрани.
Во исто време знаат да бидат и нежни и силни, што според мене е многу моќна комбинација.
Д-р Горан Трајковски, интернист

Интернистот д-р Горан Трајковски, е еден од врвните професионалци во својата работа. Тој на почетокот на 2026-та отвори и своја ординација во Германија.
Приватно, д-р Горан е сопруг на Александра и татко на два сина, Себастиан и Константин.
А за жените кои се негова инспирација во животот, тој вели:
Која е жената која најмногу ве инспирирала во животот и зошто?
На латински „inspirare“ значи да се вдише здив, живот, дух. Постои само една жена која од првиот до последниот ден на твоето постоење го прави тоа за тебе - а тоа е мајката.
Таа ти дава од својата супстанца, од својот здив, дел од себе за ти да постоиш. Тоа е вистинската инспирација.
Кој е најдобриот совет што сте го добиле од жена во животот?
Најдобриот совет што сум го добил од жена беше дека медицинскиот факултет не е трка на 100 метри, туку маратон и дека треба да внимавам како трчам.
Но јас не ја послушав… А таа беше мајка ми.

Кога би ѝ се заблагодариле на која било жена во живот, која би била таа и што би ѝ рекле?
Би ѝ се заблагодарил на мојата сопруга Александра за тоа што ми помогна да бидам тоа што сум денес и за тоа што ги донесе на овој свет моите два најубави подароци од Бог.
Исто така би им се заблагодарил на сите мои блиски - братучетки, вујни, стрини, тетки и слични „сплетки“... кои од детството до денес се дел од мојот живот, ме израснале и секогаш биле покрај мене. Да се живи и здрави.
Која е една вештина или особина на која најмногу ѝ се восхитувате кај жените?
Се восхитувам на нивната храброст и способност да донесат дете на овој свет.
Да требаше мажите да раѓаат, веројатно немаше да има деца.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело
