Стотици жени и мажи на денешниот марш по повод 8 Март во Скопје, под слоганот „Нема да нè снема“ (фото)
- Детали
- недела, 08 март 2026
Во многу поголем број од лани, стотици жени и мажи го изразија својот револт за местото во коешто се наоѓа жената во модерното општество и им одадоа почит на жените жртви, како и на сите кои се бореле и уште се борат за женските права и достоинство.

Под слоганот „Нема да нè снема“, денес, во 12 часот попладне во Скопје започна веќе традиционалниот марш по повод Осми март – Меѓународниот ден на жената.
Годинава во пресрет на првата годишнина од трагедија во Кочани, но и само неколку денови по уште една трагедија што ја крена јавноста на нозе. Во период кога семејното насилство зачестува и речиси секојдневно сме сведоци на трагедии во кои жените се жртви.
Некои со велосипеди, со колички, со кучиња, со мали деца, стотици жени и мажи го изразија својот револт за местото во коешто се наоѓа жената во модерното општество.

Маршот симболично започна од паркот „Жена Борец“ во центарот на Скопје, каде најпрво присутните им одадоа почит на жените жртви со едноминутен молк.

Во чест на сите жени кои се бореле за женските права и достоинство, во чест на сите жени кои уште се борат, маршот заврши на местото каде што наоѓаше украдената биста на Вера Јоциќ – уште еден симболичен гест, во знак на протест против бришењето на жената од историјата и општеството.

Со моќни транспаренти, посетителите, кои годинава беа многупати побројни од претходните години, побараа правда за многуте жртви и надеж за подобро утре.
Како помина годинашниот осмомартовски протест?






