„Бев на концертот на Петар Грашо и Дорис Драговиќ во Скопје - Зошто Дорис (64) е вистинска дива и пример како треба?“
- Детали
- понеделник, 16 март 2026
„Братучетка ми, во своите рани 20-ти знаеше само една песна од ТикТок, сестра ми, во 40-тите - сите од А до Ш, но заедно во едно бевме согласни - какво жениште и госпоѓетина е Дорис. Морам да го искористам тој збор! Таква грациозност, елеганција, но едновремено и дива енергија и самодоверба одамна не сум видела на сцената, особено не на нечии 64 години... Со Петар Грашо навистина направија вечер за паметење!“

Сосема спонтано и непланирано, викендов, односно сабота на 14-ти март присуствував на концертот на Петар Грашо и Дорис Драговиќ, кој се одржа во спортскиот центар Борис Трајковски.

И тоа со екипа жени од сите генерации... Жени во своите 20-ти, жени во своите 30-ти и жени во своите 40-ти и многу интересно ми беше да ги набљудувам реакциите, особено на настапот на Дорис. Петар, сепак, е малку помлада генерација и песните му ги знаат и младите во своите 20-ти.

И буквално бевме поделени, овие во 20-тите ја пееја само „Петак“ и добропознатите стихови „Иде петак, иди с њим“, бидејќи била актуелна на Тикток.
@petratomasev ide petak idi s njim #petak #fyp #timeless
-->♬ original sound - Croatian songs 🇭🇷
Јас, во своите 30-ти пеев 80% од песните, а моите пријателки во 40-тите ги пееја буквално сите.
Но, во едно бевме согласни какво жениште и госпоѓетина е Дорис. Морам да го искористам тој збор!
Таква грациозност, елеганција, но едновремено и дива енергија и самодоверба одамна не сум видела на сцената, особено не на нечии 64 години.

Секоја чест Дорис! Токму таква сакам да бидам во таа доба од животот.
Плус, згора на сè жена со емоција. На неколкупати ги бришеше солзите поради трогнатост од тоа колку всушност е сакана во Македонија, со оглед на тоа дека децении наназад не настапувала тука.

За ваков тип на концерт, кој траеше повеќе од 4 часа, партерот е најдоброто место со оглед на тоа што ритамот ве води и едноставно морате да играте!
Во ред, зависно од генерацијата, наредниот ден можеби ќе ви биде потребен и аналгетик, но дефинитивно ќе вреди.

