CRNOBELO анкета за 8 Март: Кои се најинспиративните жени во животот на успешните Македонци?
Oгнен Неделковски, драматург и текстописец

Еден од нашите најпознати и најуспешни текстописци, Огнен Неделковски, најголемиот дел од своите моќни стихови ги посветил токму на жените.
Дури и Тоше Проески пееше песни кои Огнен ѝ ги посвети на сопругата Соња Алексоска Неделковска („Сонце во твоите руси коси“, на пример), а со која го има синот Филип.
А за тоа кои се најинспиративните жени во неговиот живот, Огнен ни одговори:
Која е жената која најмногу ве инспирирала во животот (некогаш или сега) и зошто?
Во текот на мојата 36-годишна кариера како автор на стихови, па и како писател воопшто, постојано сум црпел инспирација од некоја жена.
Некоја заслужено, некоја не, некоја без да знае - постојано биле повод и инспирација за моите најубави љубовни стихови.
Понекогаш чувствувам дека на некој начин сум ги искористил сите мои поголеми и помали љубови за да стигнам до својот творечки зенит.
Ниеден автор не може да биде доволно искрен ако нема муза. Тоа е најдобро опишано во моите стихови на песната „Муза“, која на музика на Тоше Проески, ја испеа Мартин Вучиќ - „Те извајав во песна, за да бидеш вечна ти, за да ги тешиш сите вљубени, те претворив во муза, една и единствена, верна и моја, толку искрена“.
Последниве 30 години моја единствена секојдневна инспирација и муза е сопругата Соња, која е опишана целосно во горенаведените стихови.
Кој е најдобриот совет што сте го добиле од жена во животот?
Најдобрите совети во мојот живот ги добивав од мојата баба Цвета Негриевска, за која напишав неколку песни.
Таа беше бескрајно мудра жена, а од ризницата нејзини совети кои ги чувам длабоко во своето срце, секако е највреден советот поврзан со кариерата: „Дете, браво за сите награди, само да не ти влезе вода во ушите!“
Секогаш ќе го паметам и советот на мајка ми Лилјана во врска со љубомората, кој беше поврзан со една брза, врела и неочекувана шлаканица.
Кога би ѝ се заблагодариле на која било жена во животот, од минатото или сегашноста, која би била таа и што би ѝ рекле?
Тоа секако би била мојата сопруга Соња, без која не би можел да замислам ниту еден ден од мојот живот.
Би ѝ рекол: „Ти благодарам за сé. Ти благодарам што ми го подари Филип. Ти благодарам за целата грижа, љубов, среќа и испеглани алишта. И ти благодарам што ги издржа сите непријатни излети на мојата уста“.
Која е една вештина или особина на која најмногу се восхитуваш кај жените и зошто?
Издржливоста и упорноста. Тоа се две карактеристики кои ги красат сите жени. Затоа и живеат во просек многу подолго од нас мажите.
За мене жените се најубавите цветови на оваа планета, а нивната моќ да раѓаат нови животи е нешто што е прекрасно, волшебно и бескрајно возбудливо.
Им благодарам што постојат и што го прават многу поубав овој свет.
Тони Зен, музичар

Со скоро четврт век кариера, Тони Зен е еден од најуспешните музичари кај нас, но и човекот кој низ годините често поставувал музички стандарди за себе, ама и за помладите генерации.
Освен што е музичар, Тони е и семеен човек - во брак е со Валентина, со која има две деца - синот Јасен и ќерката Дена.
На нашите прашања, Тони одговори:
Која е жената која најмногу ве инспирирала во животот и зошто?
Тоа е мојата сопруга, секако, затоа што нејзината љубов е бескрајна и вистинска, ме инспирира да се нурнам најдлабоко во себеси и да ги реализирам највисоките цели во животот.
Кој е најдобриот совет што сте го добиле од жена во животот?
„Немој да касниш, почитувај го времето на другите“.

Кога би ѝ се заблагодариле на која било жена во живот, што би ѝ рекле?
Валентина, фала што постоиш.
Која е една вештина или особина на која најмногу ѝ се восхитувате кај жените?
Безусловна љубов, независност, свесност и будност.
