Ана, Македонка во Дубаи: „Најдов авиобилет до Бугарија, но чинеше 6.000 евра, 6-ти ден сум изолирана дома“
- Детали
- петок, 06 март 2026
„Изминативе два дена беше многу мирно и тивко, беше навистина чудно и мислев работите ќе се вратат во нормала. Но, од вчеравечер повторно почнаа напади и аларми. Многу летови се укинати, а на тие што ги има цените се неверојатно високи, на пример јас гледав лет од Дубаи до Софија, Бугарија за 9-ти март и во 1 правец беше 6.000 евра...“, вели за CRNOBELO.com Ана Колевска, стјуардеса од Скопје, која живее во Дубаи.

Ана Колевска од Скопје години наназад работи како стјуардеса во Дубаи.
Таа за CRNOBELO.com вели дека кај неа на работа е хаос поради конфликтот помеѓу Иран и САД и Израел, како и ракетните напади од Иран кон американските бази во Дубаи.
Сите летови од Дубаи се откажани, а Ана веќе 6-ти ден престојува во нејзината куќа во Дубаи, која е на само 20 минути од американска база.
Таа вели дека речиси и не излегува, иако многу луѓе слободно се шетаат, одат на работа и ги слушаат уверувањата од владата дека се безбедни.

Ана за CRNOBELO.com доловува каква е ситуацијата на 6-тиот ден од почетокот на тензиите:
„Денес (06.03) 6-ти ден ситуацијата е иста, претходните два дена беше навистина многу мирно и тивко, без многу напади и ми беше навистина чудно.
Но, од вчеравечер повторно почнаа напади и да прелетуваат ракети. Имаaт таргети.
Денес и утринава неколкупати имаше аларми.
Сите мислевме дека готово завршило и се понадевав дека се ќе се врати во нормала, но денес е исто како и првиот ден.
Инаку, не се изолираат сите луѓе, но јас седам дома и излегувам само ако нешто навистина ми треба или некаде ептен близу за ако треба да се вратам брзо дома.

Инаку во Дубаи животот се одвива нормално, луѓето се движат, си одат на работа, затоа што нас тука од влада нè уверуваат дека сме безбедни, дека они прават сè што е потребно.
Пред два дена на вонредно обраќање од владата ни соопштија дека имаат многу добри одбранбени системи и дека успеваат сè што е насочено наваму да го уништат во воздух.
Навистина се надеваме дека животот ќе ни се врати во нормала.
Од вчера почнаа комерцијални летови со луѓе кои се заглавени тука и треба да ги вратат назад или, пак, за луѓе од Дубаи кои од други земји сакаат да се вратат дома.

Јас сега требаше да одам на одмор, но го одложив и сега разгледував други опции за во иднина.
Но, многу летови се укинати, а на тие што ги има цените се неверојатно високи, на пример јас гледав лет од Дубаи до Софија, Бугарија за 9-ти март и во 1 правец беше 6.000 евра.
Исто така има летови и од Оман, но и тие се премногу скапи. Така што во моментов ризична е ситуацијата, но не е до толку за да се купуваат тие карти по секоја цена.
