Каролина освестува со моќен апел: „Донирај орган, спаси нечиј живот, биди нечие чудо и стани бесмртен“
- Детали
- вторник, 10 март 2026
„Биди причината што нечие срца продолжува да чука. Биди чудото за кое толку многу семејства сонуваат. Биди херој, спаси живот“, порачува Каролина Гочева откако претходно и други наши познати личности, од Татјана Стојановска до Игор Џамбазов се потрудија да ја поткренат јавната свест за донирање органи и снимија видеа со апел. Ајде да бидеме хумани!

Сте размислувале ли некогаш на оваа тешка и емотивна, но неверојатна значајна тема?
Еден донор може да спаси до 8 животи со органи како срце, бубрези, црн дроб, бели дробови и панкреас. Често луѓе со тешки болести немаат друг начин да преживеат освен трансплантација.
Донирањето срце е едно од најважните донорства бидејќи срцето може директно да спаси живот на човек со тешка срцева болест.
Кај други, пак, трансплантацијата може значително да го подобри квалитетот на животот.

Прочитајте и Ленче Манова: „Имав 39 години и бев на работ од смртта, пријател ми донираше дел од својот црн дроб и втор живот“
Во многу земји илјадници луѓе чекаат трансплантација, а бројот на донори е многу помал од потребата, па затоа македонските познати личности, како Каролина Гочева снимаат моќни видеа со апел зошто треба да се донираат органи, односно доброволно да дозволиме за по смртта нашите органи да спасат туѓи животи.

Донирањето органи се смета за еден од најголемите хумани гестови, вие со тоа буквално би биле нечие чудо.

Каролина во својот апел вели:
„Статистиката вели дека на секои 9 минути ново име се запишува на листата на луѓе кои чекаат за донација на орган.
Во секој момент, повеќе од сто илјади луѓе ја очекуваат својата нова шанса за живот, но, за жал, многу од нив и не успеваат да ја дочекаат.

Го имаме и фактот дека еден донор може да спаси до 8 животи, што би требало многу да ја олесни и охрабри одлуката за донирање, затоа што донирањето на орган е пред сè еден несебичен чин, а одлуката да спасите нечиј живот, едноставно ве прави бесмртни.
Со изборот да донирате, вашата приказна не завршува со вас, туку продолжува да живее со некој друг. А кога веќе ќе нè нема, не можеме со нас да ги понесеме отчукувањата на срцето, но можеме да ги оставиме да донесат радост и љубов во нечиј друг живот.

Затоа, биди причината што нечие срца продолжува да чука.
Биди чудото за кое толку многу семејства сонуваат. Биди херој, спаси живот“.