Ина МногуФина згрозена: „Сè почесто кај нас токсични луѓе им ставаат тракери во автомобилите на партнерите“
- Детали
- вторник, 17 март 2026
„Оваа појава има земено сериозен замав во Македонија. Тракерите ги ставаат најчесто во резервната гума или по места кои не често ги проверувате во автомобилот. Доколку најдете нешто такво, нема никаква потреба да го прашувате партнерот зошто - одете и пријавете во полиција“, вели Ина МногуФина.

Да се биде во здрава и квалитетна врска денес, кога работите навистина се изместија од колосек, е вистински благослов.
Секојдневно нè згрозуваат секаков тип на информации за злоупотреби и токсично однесување во љубовни односи, па така по случаите на семејно насилство, сега на ред е новиот „тренд“ кој ја зафати Македонија – ставање тракери во автомобилите на партнерите, од страна на несигурни, посесивни и токсични луѓе.
Ина МногуФина испраќа одличен апел – ако наидете на таков партнер, бегајте веднаш и задолжително пријавете во полиција!

GPS тракер е мал електронски уред што ја следи точната локација на нешто (во случајов - автомобилот) преку GPS сателити. Тој ја испраќа локацијата до телефон или компјутер, па можат во секое време да видат каде се наоѓате.

Oбјавата на Ина МногуФина:
„Има сега една појава што има земено сериозен замав, а тоа е партнери, најчесто во некој токсичен однос, нарачуваат тракери и им ставаат на партнерите по автомобилите да видат кај одат.

Колку и да им делува тоа бондовски во нивните несигурни глави, кои сакаат да докажуваат дека се попаметни од партнерот во кој се сомневаат, вистината е дека се сериозно глупи, несигурни и немаат контрола врз себе.
Да не беа глупи ќе знаеја дека тоа е кривично дело за кое се добива и до три години и колку и да мислат дека можат да се скријат, на компјутерски криминал им треба многу малце време да најдат со кој уред е поврзан тракерот.

Тракерите ги ставаат најчесто во резервната гума или по места кои не често ги проверувате во автомобилот.
Доколку најдете нешто такво нема никаква потреба да ги прашувате зошто или како, одете и пријавете во полиција.
Колку побрзо се тргнете од таков токсичен лик толку подобро за вас“.
С. С. | Црнобело / фото: depositphotos.com