Почина чичко Драги, кој цел живот го помина на Рекорд: „Му помагаа добри луѓе, се грижеше за бездомните животни“
- Детали
- понеделник, 16 март 2026
„Бев дете, можеби 3-4 години, се подигав на прсти на балконот од нашиот стан на Рекорд и секогаш вниманието ми го земаше тезгата на чичко Драги која беше во пролазот каде што е сега Министерство за правда. Кога ќе дојдеше сонцето до тезгата, сите ланчиња светкаа“, пишува во емотивната објава Тина Алексовска, која од дете го познаваше чичко Драги.

Не постои човек кој поминал на Рекорд во Скопје, а барем еднаш да не го види чичко Драги, човекот кој целиот свој живот го помина таму и на својата импровизирана тезга продаваше стегачи, шноли, дребулии.
Со овие пари се грижеше за себе, но и за многу бездомни кучиња, мачки, ги хранеше дури и гулабите кои слетуваа на тротоарот пред него.

Неодамна за чичко Драги и јавно се собираа донации, а тој не бараше ништо за себе, туку да има пари да купува храна за своите кучиња, кои му правеа друштво секогаш кога беше покрај својата тезга на Рекорд.
Скопјанката Тина Алексовска, кога голем дел од својот живот живееше во зградите спроти Рекорд, денес се прости од чичко Драги, кој ѝ беше пријател, а кој почина влера, 15.03.2026.

На Фејсбук, таа објави постари заеднички фотографии, и во емотивна порака раскажа за него:
„Почивај во мир чичко Драги Пароски.
Бев дете, можеби 3-4 години, се подигав на прсти на балконот од нашиот стан на Рекорд и секогаш вниманието ми го земаше тезгата на чичко Драги која беше во пролазот каде што е сега Министерство за правда...
Кога ќе дојдеше сонцето до тезгата, сите ланчиња светкаа. Во тоа време чичко Драги продаваше многу убави работи...
А со него имаше една многу убава плава девојка со која потоа се разделија.
Секое поминување покрај неговата тезга тој ни даваше ластичиња за коса во разни бои, а потоа и шнолички. Се лутеше кога му остававме пари.

Годините си поминуваа тој остана сам на Рекорд, имаше денови кога трчав да видам дали му е добро...
Пред некоја година во најголемиот снег ми кажаа дека е на операција на ‘Уво, нос и грло’, земав такси и го побарав...
Право налетав на докторот кој го познавам и ми ја покажа собата на чичко Драги. Тој кога ме виде почна да плаче, почна да ми покажува со раце дека го оперирале и дека повеќе не може да збори...
Поминуваа годините со ливчиња се разбиравме, ми пишуваше што му треба... а потоа јас заминав во Германија.
Во последно време му помагаа добрите луѓе, за кучињата, гулабите, па и за него.

Денес ми јавија дека починал. Не издржа човекот кој цел живот го помина на Рекорд.
Навистина сè е суета, а животот е сенка и сон, та напразно толку се потресува секој човек роден на земјава, како што вели Св. Писмо: ‘Кога светот ќе го придобиеме, тогаш во гроб ќе се вселиме, кај што се заедно царевите и сиромасите’. Затоа Христе Боже, починатиот раб Твој чичко Драги упокој го како човекољубец...
Сочувство до фамилијата“.

А. Ј. | Црнобело / фото: Фејсбук