Ангела Зимоска, наша докторка: „Кобниот ден на пожарот во Кочани бев дежурна на Клинички - лани, а како вчера да беше“
- Детали
- среда, 18 март 2026
„По целодневната работа на Клинички во Скопје, конечно се стиши после полноќ и помисливме дека ноќта ќе помине мирно. Но, тоа затишје траеше само еден час како затишје пред бура. Паника, сирени, трчање по ходниците...“, вели д-р Ангела Зимоска и се сеќава на нашите ангели.

Ангела Зимоска од Охрид, по професија e доктор, приватен специјализант по анестезиологија со интензивна медицина и најголем дел од времето го минува во операциона сала.

Во интервју за CRNOBELO.com таа во една пригода изјави:
„И покрај тоа што потекнувам од докторска фамилија, мајка специјалист педијатар и татко специјалист кардиолог, се одлучив за сосема поразлична гранка.
Тоа е анестезиологијата, мојата огромна желба, професија којашто ја работам со многу љубов, вложувајќи се максимално во неа“.

Но, сега таа се сети на траорниот 16-ти март 2025-та и на нашите ангели од Кочани, на ноќната смена која никогаш нема да ја заборави и на сета болка од таа вечер.

Нејзината емотивна објава:
„16 март 2025 година... Лани, а како вчера да беше.
Никогаш нема да го заборавам тој ден. Кобниот ден на пожарот во Кочани. Тој ден се погодив дежурна на Анестезиологија во Клинички центар Скопје.
По целодневната работа, конечно се стиши после полноќ и помисливме дека ноќта ќе помине мирно. Но, тоа затишје траеше само еден час како затишје пред бура.
Одеднаш, на Ургентниот центар почнаа да пристигнуваат стотици деца.
Паника, сирени, трчање по ходниците... сите со една иста вест настанал пожар во дискотека во Кочани.

Во тие моменти немаше умор, немаше време за размислување.
Ние докторите, професорите, медицинските сестри и целиот персонал дадовме сè од себе. Работевме со последна сила, со една единствена цел да им помогнеме на децата.
Тоа беше ноќ што никогаш нема да се избрише од нашите сеќавања. Болка, страв, но и огромна борба за секој живот.
Никогаш нема да ве заборавиме ангели наши, почивајте во мир“.

Прочитајте и Ангела од Охрид е докторка со страст за животот - свири клавир, вежба и обожава патувања (фото)
С. С. | Црнобело