Јанг Дади по хит-песната за Лидија: „Има коментари дека сум феминизиран, почитувам вредности – сакам светска сцена“
- Детали
- четврток, 02 април 2026
„Има многу коментари дека сум бил исфеминизиран. Сметам дека сум воспитан и дека почитувам вредности, нормално, ние сме од мала држава кај што се почитуваат тие традиционални вредности. Но, јас сум живеел и во Европа и стварно сакам да ја размрдам сценава и да покажам нешто различно“ - вели Јанг Дади по хит песната „Лидија“ која не излегува од глава.

Нашиот пејач Young Dadi направи бум со најновата песна „Лидија“ за која сними провокативен спот со голем број познати личности, меѓу кои и Тино Костадиновски.
Песната е вирална на социјалните мрежи, сите се снимаат со препознатливите стихови во позадина и прават забавни видеа.
Во видео спотот за песната, Дади е со витлери на косата и со шарен стајлинг, а на крај, наместо „Лидија“, со него во лифт влегува Тино и изгледа како да се бакнуваат.
Јанг Дади е музичар кој сака да експериментира со стиловите, но и да носи поинакви трендови на нашата сцена, кои ги следи од светот, но и од животот во Европа.
Токму за тоа зборува и во гостување во Бекстејџ, каде искрено признава како го доживуваат луѓето, но и која е неговата цел.
„Има многу коментари дека сум бил исфеминизиран. Знам дека луѓето што разбираат уметност, точно знаат што правам и го сфаќаат и сарказмот позади тоа и голем поздрав до сите што разбираат.
Тие што не разбираат, им посакувам сè најдобро, се надевам дека ќе разберат.
Сметам дека сум воспитан и дека почитувам вредности, нормално, ние сме од мала држава кај што се почитуваат тие традиционални вредности.
Но, јас сум инспириран од светска сцена, сум живеел и во Европа и стварно сакам да ја размрдам сценава и да покажам нешто различно“.
М. М. | Црнобело