Амела од Скопје со лично искуство: „Ќерка ми на училиште беше претепана и исмевана, син ми беше удрен со бокс во грб“
- Детали
- вторник, 28 април 2026
„Колкупати викав дека воспитувањето почнува и завршува дома? Ќерка ми денес одбива јавна изложеност зашто во основно училиште беше претепана и исмевана за нејзината нога. Молчела за да ме заштити мене“, вели психологот Амела Мемиш Апостоловска, по врсничкото насилство во Скопје што ја потресе јавноста.

Клиничкиот психолог Амела Мемиш Апостоловска, поттикната од врсничкото насилство што се случи во населбата Ѓорче Петров, а кој ја разбранува јавноста, преку статус на Фејсбук изнесе на виделина уште една сурова реалност за врсничкото насилство, а низ кое поминале нејзините сопствени деца, синот и ќерката.
Таа им упати директен и остар напад на родителите, нарекувајќи ги главни виновници за „емоционално осакатените“ генерации, но нагласи дека изразува почит кон оние кои даваат сè од себе во воспитувањето на децата.
Амела со јавноста ја сподели болката на нејзините ќерка и син, кои со години, како што вели таа, ги носат лузните од училишниот систем.

Во својата објава на Фејсбук, каде што ја споделува својата лична борба, таа напиша:
„Два дена читам за врсничко насилство. Два дена гледам како општеството се згрозува, а јас гледам низ призмата на професијата и низ призмата на мајка.
Траумата не се лечи со текот на времето. Човек само учи како да живее со дупката во себе.
Колкупати апелирав? Колку пати викав дека воспитувањето почнува и завршува дома?
Мојата ќерка денес одбива јавна изложеност затоа што во основно училиште беше претепана и исмевана за нејзината нога.
Молчела за да ме заштити мене, познавајќи го мојот карактер. Денес, нејзиниот свет е сведен на две-три личности и секојдневна воздишка: ‘Мамо, едвај чекам да заврши годината’.
Минатата година Леон беше удрен со бокс во грбот во училишниот ходник и исмеван дали е машко или женско.
Му фрлаа петарди и го нарекуваа ‘ретардиран’.
Иако Леон преку своите настапи испраќа моќни пораки за инклузија, тој и денес нема другари со кои би си играл секој ден. Ништо не е сменето!
Леон и денеска нема другари со кои би си играл секој ден, да не се лажеме дека нешто се сменило - за жал ништо не е сменето.

Засрамете се родители (со целиот мој респект кон оние кои вистински се грижат), вашата дозвола децата да малтретираат е деформација на вашето сопствено минато.
Многумина од вас биле исмевани, па сега преку „доминантноста“ на своите деца ги лечат сопствените комплекси.
Кај мене на психотерапија доаѓаат луѓе над 18 години каде таа потисната траума од училишните денови одеднаш „заживува“ и им го уништува животот, кариерата, бракот.

Мојот апел е едукација наместо кампањи. Џабе се кампањи по училиштата ако родителот дома не е едуциран.
Разговарајте со насилниците исто колку и со жртвите. Насилникот е дете кое дома гледа насилство или емоционално запоставување.
Престанете да ги шминкате децата како возрасни, додека емоционално ги оставате во пелени.
Едукацијата на родителите е клучот. Тие што дозволуваат нивните деца да вршат насилство, често се најмногу емоционално осакатените во ова општество.
Не молчете. Затоа што денешното „едвај чекам да заврши денот“ на вашето дете, утре ќе стане дијагноза која тешко се брише“.
А. Ј. | Црнобело