Иван Јованов ќе бил Кристина, Сузана Гавазова - Мери: Како требало да се викаат познатите Македонци?
- Детали
- недела, 24 мај 2026
„За мене првин мислеле дека ќе бидам женско и татко ми имал желба да се викам Катерина. Ама, бидејќи сум се родил машко - прво требало да бидам Марко“, вели пејачот Иван Јованов. Какви приказни ни раскажаа познатите Македонци за своите имиња?

Повеќето луѓе имаат интересна приказна зад името што го носат.
Некои се крстени по свој предок, за да се сочува семејната традиција, други го добиле името според желбата на кумот, а на трети родителите им дале име коешто многу им се допаднало.
Прашавме наши водители, музичари, модели, како го добиле името и дали можат да замислат да се викаат поинаку.
Ова се нивните интересни приказни:
Миро Кацаров е крстен по дедо му
„За брат ми знам дека требаше да биде Алексеј, а тој е крстен Аљоша. А за мене, колку што знам, моите немале друго име.
Дедо ми е Мирослав, а јас сум роден во време на социјализмот кога децата морале да го добијат името на бабата или дедото.
Нема посебна приказна околу името, и јас и дедо ми сме Мирослав, само што него го викале цел живот Мирче, а мене Миро.
На децата во школо им беше тешко да кажат Мирослав, па почнаа да ме викаат Миро и така остана.
Инаку, кај нас нема многу луѓе со ова име, повеќе е користено во Србија.
Јас и тоа како можам да се замислам со друго име. Убаво име на човек ми го прави и човекот убав.
Сите убави луѓе имаат убави имиња. Можам да се замислам да сум Лука, Лусијан, Тадеј, а не можам да се замислам да сум Александар или Марко“.

Таско требал навистина да е Таско наместо Христијан
„Требало да се викам Таско по дедо ми, тој што е прв дојден во Скопје од Катланово. И моите прво сакале така да ме крстат.
Но, поради тоа што било многу старовремско име, а татко ми е голем христијанин и до ден денес голем верник, решил дека како прво негово дете ќе се викам Христијан.
Ама, еве, јас пак останав Таско.
Денес скоро никој не ме вика Христијан, ме викаат Таско, а блиските ме викаат и Кико. И не би можел да се замислам со друго име“.

Илариа Кирилов за малку ќе била Кјара
„Имало голема полемика околу моето име.
Мајка ми била сигурна дека сака да се викам Илариа, а мојата тетка сакала да се викам Кјара. Дилемата била меѓу овие две имиња.
Мојата кума, на крај, ѝ го препуштила изборот на мајка ми, а таа, пак, немала одлучено до пред да влезе во МВР за да ме пријави на листата на новороденчиња.
Но, кога влегла, веќе немала дилема и рекла: ‘Ќе се вика Илариа!’.
Човек се навикнува на своето име, тоа станува дел од неговата личност и мислам дека можам да бидам само Илариа“.

Aлександар Белов почесто го викаат по презимето
„Името сум го добил по Александар Македонски. Се шегувам, секако.
Во далечната 1987-ма кога сум се родил, било традиција името од дедовците и бабите да се наследува.
Брат ми, како постар го наследил името од дедо ми кој е татко на татко ми, а моите кумови сакале да го испочитуваат другиот мој дедо, па по дифолт сум го добил името од таткото на мајка ми.
Уште нероден му било ветено на дедо ми дека ако биде другото дете машко - ќе се вика Александар.
Додуша пред мене една година се родил братучед ми Игор и ми бил конкуренција за името, но неговите кумови и родители го избрале Игор како име.
А искрен да бидам, баш си го сакам името, точно дека е долго али затоа има разни варијации - Ацко, Аце, Алекс. Мада, кратко ми е презимето и специфично, па сè почесто слушам Белов отколку Александар“.

