Даниел и Кристина од Кратово живеат во Франкфурт, а тој романтично ја запроси во Доминикана: „Беше спонтано и без формалности“
- Детали
- петок, 08 мај 2026
„Отсекогаш сум го замислувал запросувањето на плажа – да биде спонтано, приватно и само за нас, во наш стил, како љубители на плажи, палми и море. Искрено, иако е тешко да се скријат работи од Кристина, успеав добро да го скријам прстенот. Таа знаеше дека и подготвувам изненадување за роденденот, но воопшто не ни помислуваше на вакво нешто“ - вели за CRNOBELO.com Даниел.

Кристина (26) и Даниел (27) од Кратово, веќе неколку години живеат и работат во Франкфурт, Германија.
По повод роденденот на Кристина, тие отпатувале во Доминиканската Република, на рајски одмор, каде без да очекува, таа му кажа ДА на својот сакан.

Освен роденденското изненадување, Даниел подготвувал и запросување кое таа воопшто не го очекувала, бидејќи двајцата се вљубеници на патувања и често посетуваат разни дестинации.
Кристина за CRNOBELO.com раскажува:
„Нашата приказна започна во нашиот роден град Кратово, а денес, осум години подоцна, сè уште чекориме заедно низ животот.
Во тие години поминавме низ многу убави, но и предизвикувачки моменти, но никогаш не се откажавме еден од друг, нешто што за мене има најголемо значење.

И двајцата сме по природа авантуристи, големи љубители на плажа и спонтани патувања.
Дестинацијата каде што се случи запросувањето отсекогаш ни била меѓу омилените - едноставно се чувствуваме како да сме родени за под палмите.

Дополнително, ни беше посебно интересно што токму на ова подрачје се снимале делови од „Пиратите од Карибите“, а уште од мали со задоволство го следиме и „Survivor“, па отсекогаш ни била желба да ги посетиме најубавите места и делови од Доминиканската Република.

Сето тоа му даде уште поголема магија на искуството. Често се шегуваме дека можеби и ние еден ден ќе се најдеме во таква авантура.
Првично, патувањето беше планирано како изненадување за мојот роденден, па воопшто не ни помислив дека ќе се случи нешто вакво.
Запросувањето се случи неколку дена пред самиот роденден, токму за да не se посомневам во ништо.

До островот пристигнавме со брод, со одлична атмосфера и забава која ќе ја паметиме долго. Сè изгледаше како уште еден совршен ден од нашето патување.
Во текот на една фотосесија на плажа, без воопшто да насетам, се случи моментот – Даниел клекна и ме изненади. Цело време успеал да го крие прстенот без јас да забележам нешто.

Моментот беше целосно неочекуван, но совршено во наш стил – спонтан, искрен и без многу формалности.
Во тој момент бев навистина затекната, срцето ми чукаше забрзано, а емоциите беа измешани – среќа, возбуда и неверување во исто време.
Бев изненадена, иако длабоко во себе знаев дека тој е вистинската личност за мене, прстенот под палмите навистина ги надмина сите мои очекувања“.
