Жаклина Денковска е самохрана мајка на два сина: „Теодор (6) има аутизам, сега стана прваче - имам тон емоции и стравови“
- Детали
- вторник, 19 мај 2026
„Го запишавме во училиште со многу емоции, стравови и надежи што само родител на дете со аутизам може вистински да ги разбере. За некого ова е мал чекор, но за нас е огромен. Не размислувам дали ќе биде најдобар ученик. Сакам само да биде среќен. Да биде прифатен“, вели емотивно Жаклина Денковска од Куманово, а споделува и само потстрижувањето на Теодор (6) каква тешка мисија е.

Жаклина Денковска од Куманово е самохрана мајка на два сина, од кои помалиот син има 3 години, а поголемиот – Теодор има 6 години и има дијагноза аутизам.
Жаклина вели дека е претешко да се излезе на крај со целата ситуација, но дека нејзините деца ѝ се мотив, сила и инспирација, а сега е пресреќна затоа што Теодор станал прваче.

Таа вели дека некогаш и помалиот син ѝ помага со него, но сепак е потребно да има асистент за Теодор, кој би им го олеснил секојдневието.
Инаку, Жаклина вели дека се случува да наиде на доктори, кои се со срце планина, па некогаш дури и да не ѝ наплатат преглед или да направат некаков мал гест за да ѝ помогнат и тоа за неа значи премногу.

Жаклина за својот син, кој стана прваче, на Фејсбук сподели:
„Денес започна едно ново поглавје за моето дете.
Го запишавме во училиште со многу емоции, стравови и надежи што само родител на дете со аутизам може вистински да ги разбере.
За некого ова е мал чекор, но за нас е огромен.
Не размислувам дали ќе биде најдобар ученик. Сакам само да биде среќен. Да биде прифатен.
Да има некој што ќе го разбере кога не знае да објасни што чувствува. Да има рака што нема да го оттурне, затоа што е „различен“.

Моето дете можеби не зборува многу, можеби не сака фотографии и гужви, но чувствува љубов, внимание и добрина, повеќе отколку што многумина мислат.
Се надевам дека училиштето ќе биде место каде што ќе расте со доверба, трпение и поддршка. Место каде што нема да мора да се менува за да биде прифатен.
И што и да носи животот, јас секогаш ќе чекорам покрај него. Ќе бидам неговата сигурност, неговиот мир и неговиот најголем поддржувач.
Светот можеби нема секогаш да го разбере, но јас секогаш ќе бидам тука - да го гушнам, да го чувам и да верувам во него, дури и кога тој самиот нема да може“.

Инаку, Жаклина вели дека малите гестови за неа значат сè, па така пред извесен период сподели случка на тема потстрижувањето на Теодор, односно колку ова е тешка мисија и бара човек што ја работи својата работа со срце.