Емотивна сцена од Домот за деца без родители во Битола - Им слават роденден, со трамболина, балони и свеќички
- Детали
- среда, 10 јуни 2026
„Денес славевме повеќе од роденден – славевме насмевки, среќа и моменти кои остануваат во срцето. Нивните искрени насмевки се најубавиот подарок за сите нас“, гласи дел од емотивната објава на Домот за доенчиња и мали деца во Битола. Браво за негувателките и браво за сите хумани компании што помогнале!

На Фејсбук профилот на Домот за доенчиња и мали деца - Битола, осамнаа прекрасни фотки од роденденска прослава на нивни штитеници.

Од дување на свеќички на торта со лизгалки и трамболина, малечките имаа прекрасна забава благодарение на прекрасните негувателки, но и хуманите донации од разни фирми.

Дејноста на оваа установа е сместување на деца без родители и родителска грижа, малолетни родители со деца, самохрана невработена бремена жена еден месец пред породувањето и самохран родител до тримесечна возраст на детето итн.

Во рамките на установата основан е и Центар за поддршка на згрижувачки семејства кој врши промоција на услугата згрижување во семејство, подготовка, проценка и обука на идни згрижувачки семејства.

Oбјавата од домот по повод роденденот на дел од нивните штитеници:
„Денес славевме повеќе од роденден – славевме насмевки, среќа и моменти кои остануваат во срцето.

За нашите деца, секој роденден е потсетник дека се сакани, важни и опкружени со луѓе кои се радуваат на нивниот раст и успех.

Нивните искрени насмевки, возбудата при дувањето на свеќичките и среќата споделена со другарчињата се најубавиот подарок за сите нас.

Среќен роденден на нашите мали херои!
Голема благодарност до сите што помогнаа роденденската прослава да биде уште поубава и повесела“.
