Кире, татко на загинатиот Диме во Кочани: „Со бремената снаа го видовме без знаци на живот – ме молеше да му помогнам, следниот ден му се роди дете“
- Детали
- четврток, 11 јуни 2026
Сликата кога го видов син ми испружен на кревет без знаци на живот, ме шокираше. Но во истиот момент снаата испушти толку ужасен крик исполнет со болка, а таа беше пред породување. Ме молеше да помогнам, а што можам да направам против смрт. Кога би можел да му кажам нешто, тоа би било - ако постои најмала шанса да бидеме заменети, јас да бидам во царството на мртвите, а тој жив да си живее со сопругата и дечињата...“ - вели во емотивна исповед Кире Димитриев.

Кобниот 16 март 2025 остави длабока трага и рана кај сите нас, но најмногу, кај семејствата кои ги загубија своите најсакани во трагедијата која се случи во дискотеката Пулс во Кочани.
Тие не се откажуваат и покрај тоа што е тешко, се трудат да бидат силни и да се борат до крај, за правдата да излезе на виделина.
Во гостување во подкастот Претрес, освен сопругата на Андреј од ДНК, Наталија, која за првпат си ја отвори душата по трагедијата, искрено зборуваше и татко на еден од загинатите.
Кире Димитриев е татко на Диме, кој го загуби трагично животот таа вечер, зборува за тоа како човек преживува судир помеѓу живот и смрт, бидејќи само еден ден подоцна, му се родило внуче од сопругата на починатиот син.

Во емотивната исповед, Кире вели:
„Тоа е застрашувачко искуство, не би можел точно да го опишам, во тие моменти бевме во шок. Тука гледаме колку е тенка линијата помеѓу животот и смртта. Бог ти дава, Бог ти зема.
Не знаеш дали да ја оплакуваш смртта на сопственото дете или да се радуваш за новиот живот во семејството. Ни сам не знам како сум ги поминал тие моменти. Ниту сум мислел дека можам тоа да го издржам и поднесам.
Во тешките моменти, внукот беше светла точка, надеж што ти вели да продолжиш напред, дека имаш обврска.
Како детето расте, со некои гримаси, движења, ме потсетува на Диме, во исто време и се натажувам и се расплакувам, тоа е животот...
Но животот на сите семејства ни е целосно променет, тоа не е живот каков што би требало да биде нормален живот.
Кочани надворешно изгледа како и пред трагедијата, животот продолжува, луѓето одат на работа, учениците во школо, кафичите работат, но за нас родителите, животот повеќе не е ист.
Ние живееме секој ден со нашата болка“.

Кире открива и кој е моментот што цел живот ќе го прогонува:
„Моментот кога стигнавме во болница сабајлето со снаата, сликата кога го видов син ми испружен на кревет без знаци на живот, ме шокираше, светот ми се сруши, мислев ќе паднам.
Но во истиот момент снаата испушти толку ужасен крик исполнет со болка, неверување, тоа е, на некој начин ме свести дека не сум сам, таа беше пред породување.
Дека морам да се грижам за неа. Она што најмногу ме прогонува е дека бев немоќен нешто да направам да му помогнам на сопственото дете.
Таа ме молеше да помогнам, а што можам да направам против смрт. Ете тоа ме прогонува, се молев на Бога да направи чудо да стане син ми, јас да легнам тој да стане, но тоа е...“
