Антониа Гиговска: „Психички бев лошо по породувањето - имав притисок во глава дека не сум добра мајка зашто Киан не цица“
- Детали
- вторник, 30 јуни 2026
„Поминував низ стварно тежок период, добивав безброј коментари дека кариерата сега ќе ми заврши зашто во екот на популарноста станувам мајка. Ги добивав и од јавноста и од блиските, можеби најмногу од втори трети братучеди, подалечни роднини, дека не ми требало во тој момент да станам мајка. И ниеден коментар не допре до мене“, вели Антониа во подкастот на Стефан Лазаров.

Откако пред неколку години Антониа Гиговска револтирано го откажа гостувањето во подкастот на Стефан Лазаров, кој во тоа време го водеше со Зоки Фаци, вчеравечер (29.06), таа беше гостинка кај Лазаров.
Тие открија дека во меѓувреме се смириле и ги решиле недоразбирањата, а потоа разговараа на многу теми - кариера, новиот албум, плановите на Антониа за голем концерт, за Пинкови ѕвездички, но и за нејзиниот приватен живот, бракот со Роберт, раѓањето на синот Киан, постпородилната депресија низ која поминала и сите сомнежи дали е добра мајка, а кои траеле 8-9 месеци.

„Како е да имаш 25 години и да бидеш мајка?“, ја праша Стефан, на што таа кажа:
„Да се биде мајка е голема одговорност, но е нешто најубаво што ми се случило. Мислам дека да не беше Киан, немаше да биде сè ова вака како што е, и овие успеси се благодарение на него, дефинитивно.
Од почетокот ми беше некој мотив, ведрина, некоја светла точка откако се појави на овој свет.
На 22-23 кога ќе станеш мајка повеќе можеш да се носиш со притисокот, со работите што ги носи мајчинството, зашто си помлад“, вели Антониа.

Таа кажа дека била пресреќна кога дознала за бременоста, но првпат јавно призна дека имала постпородилна депресија, а со која се соочуваат многу нови мајки.
„Во ниеден момент не помислив дека тоа дете не е за мене. Знаев дека сакам да го родам, да станам мајка. Нормално дека е апсолутно преголем пресврт во животот.
Поминував низ стварно многу тежок период, добивав безброј коментари дека мојата кариера сега ќе заврши зашто во екот на кариерата станувам мајка. Јас до 7 месец имав настапи, не можев да ги откажам“, раскажува Антониа.

На прашањето на Стефан од кого доаѓале коментарите за крајот на нејзината кариера поради бременоста, таа кажа дека најчесто биле од роднини.
„Ги добивав од блиските, но и од јавноста. Можеби најмногу од роднините, од втори трети братучеди, подалечни роднини, дека не ми требало во тој момент да станам мајка.
И воопшто ниеден коментар не допре до мене, зашто знаев дека секоја одлука што сум ја донела била исправна за мене.
Никој не ми велеше да абортирам, имав апсолутна поддршка од моите дома.
Кога му кажав на Роберт беше многу уплашен, нормално и јас бев исплашена, но цврсто стоевме до тоа дека сакам да го родам Киан. За нас немаше друго сценарио, сакавме да го имаме тоа дете што е направено со многу љубов“.
