Со зурли, тапани и над 30 стари обичаи, Александар и Мартина се венчаа на Галичка свадба 2026 (видео)
- Детали
- недела, 12 јули 2026
Со преку 30 обичаи кои се пренесуваат од колено на колено, Александар Пендароски (34) и Мартина Михајлова (30) од Скопје, се венчаа на годинешната Галичка свадба, која традиционално се одржува на Петровден.

Александар Пендароски и Мартина Михајлова од Скопје беа младениците на традиционалната Галичка свадба, што викендов се одржува во прекрасното село Галичник.
Заедно со семејствата, пријателите, но и неколку стотина статисти во носии, за свадбата да делува автентично како во минатото, тие си го кажаа судбоносното „ДА“ во црквата Св. Петар и Павле сретсело, и се заколнаа на вечна љубов.
Младоженецот Александар е со галичко потекло, а уште поинтересно е тоа што неговите родители биле првите зет и невеста на „модерната“ Галичка свадба, што се одржа во 1991 година.

Ова го кажа тој претходно во интервју за CRNOBELO.com, додавајќи дека токму затоа со Мартина дошле на идеја и самите да се пријават за зет и невеста.
Дводневните свадбени активности почнаа со поставување на свадбарскиот бајрак, неговото китење и симболичниот чин на „фрлање“ три пушки од куќата на зетот.
Зетот и неговото семејството ги пречекаа тапаните и заедно заминаа на мостот во селото, каде што свекрвата го поведе свекрвиното оро.
Потоа, пред селската чешма во Галичник, се играа „Невестинско“ и „Тешкото“, ора кои се симбол на пркосот и непокорот.

Свадбените обичаи првиот ден завршија со одењето по вода, кога невестата заедно со свадбарите оди на три чешми да наполни вода, а лицето ѝ е покриено со вел за да се скрие од љубопитните погледи.
Галичката свадба продолжи денес со адетот познат како „канење на мртвите“, а зетот со неколку свадбари ги посети гробовите на починатите во селото.
Оттаму, сите заедно заминаа во куќата на кумот за да го поканат на свадбата.
Адетите продолжија со традиционалното бричење на зетот, по што свадбарите тргнаа по невестата.

А таа, ги пречека во својата соба од која претходно, застаната на прозорецот, преку прстен го гледаше младоженецот и во тоа време ги изговори зборовите: „Низ прстен те гледам, в срце да ти влезам“ .
Потоа следуваше дарување од свекрвата, а според традицијата, невестата ѝ ги бакна рацете на својата идна свекрва.
Следен е обичајот на сеење брашно среде село, по што Александар и Мартина заминаа во црквата Св. Петар и Павле за да се венчаат.


Свадбата продолжи со веселбата среде Галичник - се играа ора, се слушаше звукот на зурлите и тапаните.
А токму тие, вечерва, доцна во ноќта, ќе го одбележат крајот на уште една Галичка свадба.
Погледнете го видеото од целата денешна церемонија:
А. Ј. | Црнобело / фото: Принтскрин YouTube - МЗ Галичник