Прекрасна глетка на Кораб - Швеѓанка сними мечка со три мечиња, близу местото каде што кампувала
- Детали
- четврток, 23 јули 2026
„Какво беше вашето утро? Моето изгледаше вака. Сретнав мечка со три мечиња на патеката, на само 50 метри од мене“, напиша Швеѓанката Лина во описот на видеото, што воодушевува.

Шведската авантуристка Лина Халебрат веќе некое време престојува во Македонија и ја истражува земјава. Таа ги посети Виница, браната Гратче, се качи на Бел Камен, а меѓу последните места на нејзината листа е Кораб.
И токму таму, таа имаше необично будење - на само околу 50m од шаторот во кој спиела, а кој го поставила близу Корапска Врата, на висина од околу 2.063m на патот кон Кораб, видела мечка со три мали мечиња.
Таа ги снимила мајката со нејзините три млади, внимателно, за да не ја забележат, иако на крајот на видеото се слуша како вика гласно, најверојатно со надеж да го избрка подалеку од себе.

„Какво беше вашето утро? Моето изгледаше вака. Сретнав мечка со три мечиња на патеката, на само 50 метри од мене“, напиша таа во описот на видеото што воодушевува.
Инаку, Лина во Македонија пешачи по патеката „Самијана“, планинарска трансверзала која минува низ многу историски места и планински предели, а само делот што ги следи сртовите на Шар Планина и Кораб е долг над 200 километри.