Вирален статус за Македонците на одмор: „Пивнуваш пиво, одиш пливаш и после зeмаш ново, ладно - затоа е all-inclusive“
- Детали
- сабота, 25 јули 2026
„Ако ти заѕвони мобилен, викај погласно, зашто те бараат дури од Македонија, па не се слуша! Задолжително раскажи кај сте, што правите, колку ви е јако“, вели наш музичар за Македонците на плажа.

Mакедонскиот музичар потпишан како Џек Даниел на Фејсбук, кој настапува со Story Band, периодов ужива на одмор на Крит во Грција.
Покрај фотки од плажа, тој стави шеговит статус на тема како се однесуваат Македонците на плажа.

Објавата што се прошири вирално:
Кој рече дека МАКЕДОНЕЦ не знае да се однесува на одмор:
1. Стани во 4 сабајле и оптегни пешкирите за да зафатиш 6 лежалки задолжително во прв ред – 2 на сонце, 2 на сенка и 2 за секој случај! После врати се во кревет и спиј до 12 на пладне!
2. На просечен Македонец му требаат 8 квадрати на плажа – 5 за пешкирот и 3 за апостолките!
3. Ќе си понесеш лап топ, ајпод, блекбери, камера и задолжителен апарат! Треба ли да ставиш слика на Фејсбук за сите да знаат кај си?! Нормално дека треба!
4. Ако немаш чадор, намести се така што чадорот на соседите да те покрива тебе после ручек! Не си ти крив што не испланирале! И нормално ако планираат да го поместуваат, да треба да почнеш да ццкаш и да префрлаш индиректно!
5. За деца до 12 години нема потреба да се инвестира во купачи! Деца се!
6. Децата најдобро се повикуваат да излезат од вода од 200-250 метри со јака децибелажа!
7. Ако не излезат, најдобро е тука на лице место да ги истепаш! Да се види кој е вистински родител!
8. Задолжително купете од крофните што ги шитка крофнарот и ги допекува на сонце цел ден! Освен крофна без лубеница на плажа не се може, а корите да се остават покрај кантата! И праските исто! Да не се мачат осите да влегуваат во кантата!
9. Цигарите најубаво се гасат збрцани во песок! Со кармин на отпушокот, да се знае која е госпоѓа на плажа!
10. Свекрвата најубаво се озборува на плажа и тоа со новата пријателка од Србија која лежи 5 лежалки подалеку од твојата!