Искра Јовановска: Трчањето е спој на задоволство, навика, потреба и уживање. Со еден збор - љубов

Скопје се подготвува за големиот Скопски маратон на 11. мај во недела, а веќе извесно време забележуваме многу растрчани млади, па и повозрасни луѓе по патеките на кејот на Вардар и улиците.

iskra-jovanovska-trcanjeto-e-spoj-na-zadovolstvo-navika-potreba-i-uzivanje-so-eden-zbor-ljubov-01

Дел од нив се членови на групите „Трчаме заедно“ и „Скопско ноќно трчање“, кои со оваа активност се занимаваат преку целата година.

За овие момци и девојки не е важно колку степени има надвор, дали има сонце и дали ќе излезат во некоја дискотека вечерта. Првенствено важна и пресудна е волјата, која тие ја поседуваат, без сомнение.

Едно од здруженијата, „Трчаме заедно“ е женско здружение иницирано од страна на Искра Јовановска, со цел да ги поттикне девојките почесто да излегуваат, да вежбаат и да се грижат секојдневно за здравиот живот и добрата форма.

Подоцна се здружени заедно со мешаното здружение на „Скопско ноќно трчање“ каде има и момци и девојки, кои во вечерните часови се забавуваат и дружат на поинаков и поздрав начин од останатите млади во дискотеките и кафулињата.

Токму овие момци и девојки го менуваат ликот и духот на Скопје, со надеж сето тоа да стане дел од културата и начинот на живот.

iskra-jovanovska-trcanjeto-e-spoj-na-zadovolstvo-navika-potreba-i-uzivanje-so-eden-zbor-ljubov-1

За страста, мотивацијата, дружењето и целите во однос на трчањето низ неколку прашања ни раскажува главната иницијаторка на „Трчаме заедно“, Искра Јовановска:

1.Што претставува трчањето за тебе?

Трчам повеќе од 10 години рекреативно. За мене трчањето претставува спој на задоволство, навика, потреба и уживање. Со еден збор – љубов.

2. Кои мотивирачки мисли и зборови ги употребуваш кога треба да излезеш од дома на дождлив, студен ден и да трчаш?

Кога се работи за трчање, најважна е мотивацијата и волјата. Кога човек е доволно мотивиран и има јака волја, временските услови не прават голема разлика. Во последно време  никогаш не трчам сама, така што секогаш има некој кој „ќе ме извади од дома“ или некој што јас ќе го мотивирам да излеземе на едно тренинкче на ладно или на дожд.  Зборовите се: „no excuses“

3. Кој беше клучниот момент за да одлучиш да го формираш здружението „Трчаме заедно“?

„Трчаме заедно“ е иницијатива која ја започнав минатата година со цел поттикнување на женската популација во Македонија поредовно да се занимава со трчање. Клучниот момент за да се одлучам на ваква иницијатива беше фактот што гледав многу малку девојки што трчаат на кеј и исто така многу малку учеснички на атлетските трки. Па идејата ми беше да се смени нешто околу тоа. И успеа.

4. Што ве поврзува со групата од „Скопско ноќно трчање “? Имате ли некоја заедничка цел?

„Скопско ноќно трчање “ е втора иницијатива која заеднички ја водиме со уште двајца ентузијасти кои размислуваат исто како мене – Томислав и Димитар. Тоа е група која од ден на ден сè повеќе се зголемува. Нè поврзува љубовта кон трчањето. Целта е да го разубавиме градот Скопје со една несекојдневна активност, досега не баш практикувана, а тоа е ноќно трчање низ улиците односно тротоарите на Скопје по однапред испланирани рути кои се во должина од 5 до 10 км . Преку тоа, се развива навиката за рекреативно урбано трчање, се запознаваат нови вљубеници во трчањето и истовремено се прави разгледување на градот Скопје, бидејќи се трча во различни делови од градот.

5. За што би го откажала тренингот? Има ли нешто што може да те спречи?

Со оглед дека трчањето ми е хоби а не професионален ангажман и сè ова го правам од љубов и ентузијазам, секако дека има ситуации кога сум спречена да одам на тренинг. Но, тоа брзо до надополнувам во првиот слободен момент.

6. Како се снаоѓате низ сообраќајот? Сте имале ли некоја непријатна случка?

Немаме непријатни случки и се надевам дека и во иднина нема да имаме. Се однесуваме како „пешаци кои трчаат“. Стоиме на семафор на црвено, трчаме на зелено. На тротоарите не правиме гужва односно трчаме во колона и слично.

iskra-jovanovska-trcanjeto-e-spoj-na-zadovolstvo-navika-potreba-i-uzivanje-so-eden-zbor-ljubov-2

7. Како ја одржувате постојаната кондиција и енергија? Потребно ли е нешто повеќе од желбата?

Желбата е важна, но не и доволна. После желбата доаѓа нешто што се вика реализација. А  во реализацијата се вклучени посветеноста, дисциплината, водењето сметка за исхраната, умерен живот, редовен сон, понекогаш и жртви од културно-забавен живот. Неретко ми се случило да откажам излегување на некоја забава поради тоа што имам трка или договорен тренинг наредниот ден. Но, сепак сè сe постигнува со добро менаџирање на времето.

8. Сметате ли дека со „Ноќното трчање“ воведувате и нов начин на дружење и забавување на младите?

Да, преку заедничките тренинзи има многу дружење, социјализација, запознавање нови луѓе со истото хоби, размена на идеи и позитивна енергија и сето тоа е во духот на здравиот живот, што е  голема привилегија.

9. Што е она што сакате да се промени во Скопје или кај Скопјани за трчањето да стане дел од културата на живеење?

Сметам дека Скопје веќе доживува позитивна трансформација кога се работи за трчањето. Сè повеќе луѓе се пријавуваат на трки, кејот каде што се тренира е преполн. Би сакала оваа трансформација на продолжи до степен трчањето да стане една од основните активности на што поголем број луѓе. Да не е чудно ако некој излезе во хеланки и патики од влез од зграда и почне да трча низ населбата, туку да е вообичаено.

10. На Скопскиот маратон учествувате како групи или поединци? Колку секојдневното трчање со овие две групи влијае на подобрување на крајниот резултат и брзината?

На Скопскиот маратон сите сме пријавени преку тим билдинг групи. Дел преку „Скопско ноќно трчање“, дел преку  „Трчаме Заедно“, а дел преку компаниите во кои сме вработени, а кои исто така тимски се пријавени на Скопскиот маратон. Како и да е, ќе започнеме да трчаме заедно на Скопски маратон, па потоа ќе се поделиме по групи во зависност од подготвеноста и темпото на трчање.

Заедничките тренинзи помагаат многу околу подобрување на крајниот резултат и брзината. Сите напредуваме сè повеќе и постигнуваме сè подобри резултати. Главната причина е меѓусебната мотивација и бодрење кое си го разменуваме додека трчаме.

11. Имате ли сериозни намери и планови да бидете дел од некој светски, меѓународен маратон и да се претставите како женска група или на некој ноќен маратон?

Веќе учествуваме заедно на Белградскиот маратон. Наредна трка ќе ни биде Ноќниот маратон во Нови Сад и здравје, на есен планираме да учествуваме на Љубљански маратон . Па, понатаму ќе продолжиме и подалеку. Само да нè држи ентузијазмот, здраво срце и здрави нозе.

iskra-jovanovska-trcanjeto-e-spoj-na-zadovolstvo-navika-potreba-i-uzivanje-so-eden-zbor-ljubov-3

Би можело да ве интересира:

Ивана Кнез: „Нè учат да се плашиме од живот – пази што јадеш, пази со кого се дружиш, пази, пази...“ „Во ‘новиот свет’ нè учат да се плашиме од живот. Пази што јадеш, миј раце, вежб...
„Се молам да не заплачам додека пеам“: Ивона Јо ги испеа омилените песни од Тоше во Крушево „'Игри без граници' и 'Полско цвеќе' не можам да ги пеам, да дадам емоција, а да...
Тијана Дапчевиќ со сопругот и синот на свадба во Скопје, друштво им правеа Тамара Тодевска и мајка и... „Сите сте убави и имате заразна насмевка“ – коментираат дел од следбениците на с...
Ева Нединковска: „Чекав ред во државна институција, се најдов во небрано и жена ми ‘тутна’ 50-денарк... „Чекам на шалтер. Носам само картичка, кеш во мене немам. Забележувам дека сите ...
Кристина Димитри по јавните критики на нејзина сметка: „Поминав низ пекол, јас сум и мајка и татко н... „Жените денес не знаат што сакаат. Живеат од парите на мажот, а мислат дека се б...
Скопјанката Моника кажа „да“ на Саемот за венчавки: Саканиот ја запроси на ревија, додека носеше кре... „Иако долги години сме во врска, не помислив дека мојот сегашен вереник ќе собер...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg