Интервју по повод петтото издание на фестивалот за феминистичка култура и акција „Прво па женско“
- Детали
- вторник, 16 мај 2017
Соговорници: Кристина Леловац, Јана Коцевска, Јана Старделова...
„Сериозните чичковци во костуми, седнати на одлучувачки позиции сериозно потфрлија, ред е на жените да го спасат светот!“
1. На чекор сме пред петтото јубилејно издание на фестивалот за феминистичка култура и акција „Прво па женско“, имате една достојна дистанца пред вас која ви овозможува да погледнете наназад и да добиете слика дали македонската жена после пет години успеа да отиде чекор понапред во однос на еманципацијата?
Јана. С: Едни одат напред, други наназад. Кога зборуваме за еманципација, за човекови права, на жалост превладува фактот дека живееме во две (ако не и повеќе) реалности. Според програмата на нашиот фестивал би рекле дека одиме пополека нанапред, секоја година програмата содржи нови иницијативи, проекти, перформанси, итд. Меѓутоа она што не ни успева да го доловиме е македонската реалност, која како и пошироко во регионот, а и во светот е длабоко поларизирана. Горди сме на она што го постигнале жените, од друга страна гневни на сите тие кои имаат можност да ги променат нештата (пред се политички) а одлучуваат да ја уназадуваат жената на секое поле.
2. Со каква програма ќе се пофалите годинава?
Јана К.: Бидејќи сме веќе стигнати до петто па женско, решивме на овој јубилен фестивал да ги поканиме и оние кои веќе во изминатите години биле дел од фестивалот и со тоа да направиме еден фестивалски ривајвл. Почнуваме во четврток на 18ти мај, со изложба на постерите од кокурсот и локални кратки филмови. Како и претходните години во кои ги имавме колективот HAVEIT од Косово, и нашата уметница Христина Иваноска, и оваа година публиката ќе има шанси да ги види нивните дела. На 19ти мај одиме со Сандра Дален, гостинката од Шведска со предавање за вагинален секс после кое следи перформанс на Драгана Гунин. Во сабота ќе имаме многу интересен панел модериран од Славчо Димитров за Родовата и сексуалната (не)еднаквост во Југославија. По панелот, на наша голема чест, МОТ ни ја носи претставата Црвена љубов на БИТЕФ Театар од Белград, на режисерката Олга Димитријевиќ. Вечерта на 20ти мај ни е резервирана за концертот на ППЖ, кој ќе се случува на платото на МКЦ. Влез слободен. И последниот ден ќе се дружиме цел ден со базар, две работилници за поправање на точаци и другата за татковци и ќерки. Ќе ни готват ХНУ-момците, ќе читаме поезија со ЛезФемСлем.
3. Преку овој фестивал вашата примарна интенција е да ги скршите митовите за феминизмот и на жените да им понудите алтернативна визија за нивната улога во општеството. Каква порака сакате да испратите?
Јана К.: Па баш како што е формулирано во прашањето, сакаме да испратиме порака дека митовите се тука за да се разбиваат, да се преиспитуваат состојбите во нашето опкружување и притоа да се дејствува со промена. Исто така, сакаме да испратиме порака дека колку и да се убедени некои луѓе дека мажите и жените имаат еднаков статус во општеството, тоа сѐ уште не е така. Дополнително да ги потсетиме дека некои жени во минатото се бореле, крвареле и биле физички и психички малтретирани за промени и можности кои денес поголемиот дел од жените ги ‘уживаат’. Да ги потсетиме дека порано на жените не им било дозволено да гласаат, да студираат на факултет и пишувале под машки псевдоними. Историски гледано, тоа не било толку одамна и сѐ уште треба да се менуваат работите во тој поглед.
4. Сметате дека жените самите себе си се изневерија?
Кристина Л.: Напротив. Емпатијата, солидарноста и поддршката се’ во природата на жените. Сестринството, сфатено во најширока смисла, е далеку полесно остварливо отколку вмрежувањата во суровиот, машки свет. Женската емотивност како негативна карактеристика и божемната нестабилност се конструкти на патријархатот, за да бидат антиподи на цврстината, непоколебливоста и ослободеноста од секоја емоција во име на рационалноста – вредности кои дури и пред мажите поставуваат нереални барања. Жените почесто, попожртвувано и побезрезервно си помагаат една на друга. Потребно е само почесто да се потсетуваме на овие наши доблести. ПРВО ПА ЖЕНСКО меѓудругото и за тоа постои.
5. Како се воспитува феминистичка ќерка? Како вие се одлучивте да се борите за правата на жените?
Јана К.: Па Кика е убедена дека ќе има ќерка, а јас планирам да имам син. Нема причина зошто и синот да го нема во прашањето. Кога станува збор за воспитување во однос на феминистичките вредности, најверојатно би се потрудила да му/ѝ објаснам дека може да си игра со било кои играчки сака, без разлика на типично одредените родови игри и играчки, потоа да биде солидарно настроен(а), што би значело да не се исмева никому, да помага на другарче во неволја. Потоа, да се облака како во моментот чувствува дека сака да биде облечен(а) и веројатно не би го/ја оставила да гледа телевизија. Тоа може да биде едната од ретките забрани во воспитувањето. Од школските активности, земајќи го предвид контекстот во македонското образование, најверојатно би учеле заедно за тоа како не треба да се пишуваат учебниците по општество, и би се потрудила моето дете тоа да го алармира во целиот клас, да зборуваат за тоа што се може да работи мама, а што тато во однос на обврските дома. Да сфати дека е во ред доколку родителите се разведат и не се повеќе заедно. Ете голем дел од овие набројани вредности се почетните точки заради кои сме се одлучиле да се бориме за родовата еднаквост и женските права.
6. Сметате ли дека на моменти феминизмот ја губи поентата со барањето да имаме еднакво место во општеството со мажот. Дали можеби на овој начин ги занемаруваме и потценуваме сите оние уникатни вредности и предиспозиции кои ја красат жената и кои не мора да се врзат со зборот „еднакви“, можеби славењето на различностите и прифаќањето на инаквоста во дадени случаи е посоодветен третман кон кој би се стремел феминизмот?
Кристина Л.: Рамноправноста е човеково право и таа е една категорија, а друга е славењето на различноста, што е демократска вредност. Разбрани соодветно, тие никогаш не си пречат една на друга. Напротив, взаемно се овозможуваат и поддржуваат. Феминизмот е многу повеќе од она што за него дознаваме од мејнстрим медиумите и женските списанија. Тој е сериозна теорија, полидисциплинарна, која не се занимава само со човековите права на жените занемарувајќи ја нивната возбудлива различност, туку работи на тоа жените да можат да се остварат себеси во потполност – и општествено и економски и лично.
7. Каква е иднината на феминизмот? Дали го гледате како движење кое има сила и остварливи ветувања или пак можеби цели кон уште поголема поларизација и поделби на машко женските односи?
Кристина Л.: Беспредметно е да ги трошиме овие редови да се убедуваме дека феминистките всушност не се грди, сексуално исфрустрирани мажомразачки. Феминизмот не е политичка платформа која има ветувања, тој е идеја, убедување дека светот може да биде удобен и рамноправен за сите. Тој не исклучува, туку во својата суштина промовира и заговара инклузивност. Само сфатен површно и упростен до бесмисленост може да се злоупотребува како закана против мажите. Ние веруваме дека во суштина, мажите се феминисти многу повеќе од што се свесни за тоа. Од друга страна, сериозните чичковци во костуми, седнати на одлучувачки позиции сериозно потфрлија. Светот се распаѓа. Хитлер, Трамп, #Ж. Доста е ! Ред е на жените да го спасат светот. А во тоа сигурно можат да им помогнат феминистите.
8. Ми се чини дека феминизмот стана доста распространет меѓу мажите во последно време, од една страна тоа е одлична вест, но од друга како да несетувам мода и тренд што ме прави скептична во мотивите на ваквите поддржувачи...
Јана. С: Во последно време феминизмот (кој за секого значи нешто различно) е мода и тренд. Од музичките до холивуд ѕвездите, така машки како и женски, се зборува за феминизам, желба по рамноправност, еднаквост. За мене лично е најважно делувањето, многу помалку декларирањето. А делувањето бара ангажман на долг рок. Не делуваме за да докажеме дека едните се подобри, повредни од другите, туку за да докажеме дека сме еднакви. Останува да се надеваме дека следниот тренд ќе подразбира солидарност, вертикална и хоризонтална, бидејќи само така ќе се извлечеме од живата кал.
Би можело да ве интересира:





