Спонзорирано од:
Спонзорирано од ОгласиЗаРабота.мк
Бариста 07-05-2024


Скопјани кои го преживеале земјотресот во 63’та: „Бевме заробени во куќата, а сѐ околу нас беше разрушено“

Со воз нè однесоа во Словенија

Тажно е сведоштвото на Кире М. од Скопје кој имал само дванаесет години кога се случила големата скопска трагедија. Со неговото семејство живееле во куќа во населбата Карпош.

„Нашата куќа не се сруши, но зградата до нас како во земја да пропадна“ – се сеќава пензионерот кој додава дека со денови тлото се тресело и излегувала прашина.

Тој додава дека тоа што не паднало по првиот потрес се рушело полека со следните денови, бидејќи земјотресите не престанале.

„Беше страшно за гледање, висеа делови од соби, прашина, цигли од градежен шут. Јас бев дете. Се сеќавам веднаш по земјотресот дојдоа хеликоптери и камиони, брза помош и војници од сите страни“ се сеќава тој, и додава дека никогаш нема да ги заборави големите руски камиони, првпат тогаш тој видел толку големи возила.

Според неговите кажувања, најоштетени биле старите куќи, направени од плет, кал, прачки и слама, додека помала била штетата кај куќите градени со цигла, кои поминале со пукотнини по ѕидовите.

Неколку дена по земјотресот, поголемите деца, вклучувајќи го и него, ги евакуирале. Со воз биле испратени во интернат во Словенија. Било тажно и тешко да се биде далеку од родителите, но тогаш тоа било единствениот начин да бидат безбедни и да имаат подобри услови за живот.

Киро ја сподели и приказната на неговата сопруга. Таа тогаш имала девет години и живеела во Куманово. Дури и таму го почувствувале силниот земјотрес.

Од потресот таа раскажува дека паднал оџак во куќата. Иако била мала, таа се сеќава на големите камиони кои со отворени приколки ги пренесувале повредените во блиските прифатилишта и интернати во Куманово адаптирани како болници.

Немаше трага од Скопје

Пензионирана докторка Зага Р. од Скопје го преживеала земјотресот кога имала само десет години. Таа со семејството живеела во зграда спроти гимназијата „Јосип Броз Тито“.

Вечерата пред земјотресот било ветровито, а на вести слушнале дека ветровите ќе бидат уште посилни во текот на ноќта.

„Кога во пет часот ме разбуди силен татнеж, прво, уште во сон си мислев дека се тие силни ветришта. Мајка ми ме викна и почнавме, така по пижами да трчаме надоле, оти живеевме на петтиот кат“ – се сеќава таа на кобното утро, и додава дека во тој момент татко ѝ, воено лице, бил во Петровец на работа, а сестра ѝ на гости, во населба во близина на новата железничка станица.

Кога се симнале долу биле шокирани.

„Сите згради околу плоштадот Слобода беа срушени, цели блокови како во земја да пропаднале“, вели скопјанката, додавајќи дека избезумени тргнале пеш да ја бараат сестра ѝ.

skopjani-koi-go-prezhiveale-zemjotresot-vo-63-ta-bevme-zarobeni-vo-kukjata-a-s-okolu-nas-beshe-razrusheno-05.jpg

По пат им кажувале дека нема преживеани во тој дел од градот, но сè завршило среќно кога сите повторно се сретнале. Се сеќава дека целиот град бил како во магла, во прав, а кога прашината спаднала, од Скопје немало трага, само рушевини и крв.

Таа вели дека само нивната зграда останала цела. Била градена во раните 1950-ти. Тогаш дури и архитектот бил казнет бидејќи потрошил многу железо, но, вели таа - „тоа не спаси од сигурна смрт“.

Татко ѝ за катастрофалниот земјотрес слушнал на работа и им рекле: Собирајте ги алатите и брзо во Скопје, да барате преживеани, да си ги барате фамилиите.

Со автобус стигнале до населбата Автокоманда, па оттаму тргнале пеш кон центарот на градот, за кој им рекле дека е срамнет со земја.

Првпат го видела татко ѝ како плаче, тој плачел од среќа кога ги видел живи. Од таму ги однел во Кисела Вода, спиеле во бавча кај блиски роднини.

„Спиевме на земја, под отворено небо, со по некое ќебе. Многу беше морничаво. Без струја, само мрак, тивко липање или силен плач, болки, а најстрашно беше што поминуваа комбиња кои ги читаа имињата за загинатите“ – се сеќава. Оттаму се засолниле во Врање.

Сите на улица, спиење во двор и криза за вода

Гледајќи од својот тогашен дом, 75-годишниот Димитар М. вели дека видел само облак од чад над центарот на Скопје, градот бил срушен.

Овој скопјанец раскажува дека имал 17 години кога се случила големата трагедија. Со семејството живееле во тогашната населба Крањево, во близина на факултетите на Бит Пазар, а татко му, кондураџија имал дуќан во Маџир Маало.

Тој се сеќава дека рано утрината, околу четири часот, со велосипед го испратил татко му на автобуската станица, кој секој вторник и четврток одел во Штип да продава чевли на пазарот.

Откако му помогнал на татко си се вратил дома и повторно си легнал. Со него дома биле мајка му и двете постари сестри. По кратко време се разбудил со силен татнеж и се сеќава дека ја слушнал мајка му како вреска да излезат надвор.

„Брзо истрчавме надвор, среќа куќата беше приземна па ништо не се сруши. Сите соседи беа надвор, некој по пижами, боси, голи, само плачење и вресоци. Бев збунет и исплашен. Сите околу мене плачеа“ – се сеќава на утрото на 26 јули и додава дека кога погледнал накај центарот на градот видел само голем облак од чад и прашина, сè било сиво и немало трага од некогашните куќи и згради.

Земјата не престанала да се тресе. По некое време мајка му рекла да влезе внатре, да земе малку облека за сестрите, било срамота така да седат надвор. Иако му било страв сепак ја послушал, како единствено машко во домот.

„Се врткав внатре додека соберам некои работи, а кога излегов, забележав дека ѕидот кој го делевме со соседите се срушил. Да излезев само минутка порано сигурно ќе се срушел врз мене и ќе ме затрупал“ – се сеќава Димитар кој додава дека она што не се срушило при првиот голем потрес се рушело полека од постојаните последователни потреси.

За време на земјотресот татко му патувал накај Штип, а веќе кога автобусот бил во Велес им соопштиле дека Скопје е срамнето со земја. Тој вели дека татко му бил дури во поголем страв и паника од нив мислејќи дека загинале, дека во Скопје нема преживеани.

Тој се вратил попладнето, пресреќен што семејството е живо и здраво. Раскажува дека нивниот сосед имал камионче, па двете семејства скоро дваесеттина дена спиеле во приколката за да не спијат на земја, бидејќи им било страв да се вратат во своите домови.

По некое време, на неговата постара сестра, која работела во воена институција, ѝ доделиле војнички шатор, па го ставиле во дворот на соседите. Се сеќава дека едвај се живеело во шаторот поради летните горештини. Полека почнале да вадат некои предмети од домот, куќата не била многу отштетна, но сепак им било страв да спијат во неа, бидејќи постојано тлото се тресело.

Димитар се сеќава дека во несреќата животот го загубила мајката на вереникот на неговата сестра. Тој бил во војска, а неговата мајка загинала бидејќи ѕид од домот се срушил врз неа.

„Иако ветија дека ќе ни направат нови куќи, тоа не се случи, па татко ми со пријателите, соседите и мајстори од чаршијата ја санираа куќата и до денес стои“ – раскажува тој за земјотресот и последиците од него.

Појаснува дека ги обележувале куќите - црвени оние кои не можеле да се санираат и треба да бидат срушени и да се изградат нови, а со портокалова оние кои треба да се санираат и ќе може повторно да се живее во нив.

Димитар се сеќава дека имало криза за вода, иако имало донации.

„Не можеше да се стигне на ред за вода. Луѓето се тепаа за вода. Немаше вода за пиење, а камоли за миење и бањање. Стаклените шишиња се кршеа, па се сечевме. Крв насекаде. Имаше и народни кујни каде што се готвеше големи количини храна, ама многу долги редици“ – раскажува тој за мачните денови по трагедијата, додавајќи дека со соседите готвеле во дворот.

skopjani-koi-go-prezhiveale-zemjotresot-vo-63-ta-bevme-zarobeni-vo-kukjata-a-s-okolu-nas-beshe-razrusheno-08.jpg

По кобниот 26 јули помош за Скопје и неговите настрадани жители пристигнувало од сите страни од светот.

Се местеле монтажни болници, шатори во Градскиот парк за оние кои ги изгубиле домовите, храна, лекови и намирници.

Во тој тежок период Скопје било дефиниција за братство и единство, со заеднички сили се спасувале животи, се лекувале повредени и се градел новиот лик на градот.

Па, така, во симбол на несебичната помош, низ Скопје ги имаме Румунската болница, улиците Прашка, Виенска, Париска, Дрезеденска, Анкарска, Атинска и многу други во чест на оние градови кои помогнале Скопје да се издигне од рушевините, правот, тагата и стравот.

Во трагедијата над илјада лица го изгубија животот, над 3000 биле повредени, а над 105.000, од кои 30.000 деца, биле евакуирани во различни градови од поранешните југословенски држави.

Земјотресот од 6.1 степен според Рихтеровата скала го разруши Скопје, остави над 200 илјади без дом, но не ја сруши надежта и човечноста, па тоа брзо се издигна, иако останаа стравотните сеќавања на кобниот 26 јули, кој никогаш нема да се заборави. 

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

И. Ј. | Црнобело / Фото: This City Knows



Би можело да ве интересира:

„Животните во Зоолошка завиваа, бевме деца, си мислевме нè бомбардираат“: Земјотресот од 1963-та низ... „Дедо ми Стојан беше повреден, крвареше од главата, бидејќи дрвен корниз за заве...
„Се молам да не заплачам додека пеам“: Ивона Јо ги испеа омилените песни од Тоше во Крушево „'Игри без граници' и 'Полско цвеќе' не можам да ги пеам, да дадам емоција, а да...
Миа Костова славеше Св. Никола - Тамара пееше за мерак на гостите, Тијана највесела од сите „Заради сите вас на масава, јас сум тоа што сум денес. Вие сте мојата сила засек...
Ивана Кнез со моќен статус за 8 Март: „Не успеав - имам кариера, но немам партнер и деца“ „Не успеав, се вклопив во шема на кариеристки. Ама ќе успеам да излезам од неа и...
Ќерката на Хелена Роза е вистинска убавица: Кјара сака фитнес и студира право Ќерката на Хелена Роза, Кјара Гоља (25), скоро една деценија ужива во животот на...
Кристина Димитри по јавните критики на нејзина сметка: „Поминав низ пекол, јас сум и мајка и татко н... „Жените денес не знаат што сакаат. Живеат од парите на мажот, а мислат дека се б...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg