Го освои Балканот со ангелскиот глас, хуманоста и добрите дела – Факти за нашиот никогаш преболен Тоше Проески

Донација за реновирање на клиники, изградба на манастирот „Свето Преображение“ во Крушево, домашни посети на тешко болни и повредени дечиња – ова се некои од хуманитарните дела по кои ќе биде запомнет Тоше Проески, момчето со ангелски глас кое прерано нè напушти, а денес ќе наполнеше 41 година.

go-osvoi-balkanot-so-angelskiot-glas-humanosta-i-dobrite-dela-fakti-za-nashiot-nikogash-neprebolen-toshe-proeski-01 (2).jpg

Македонија и Балканот се завија во црно утрото на 16-ти октомври 2007-мата година кога одекна веста дека во сообраќајна несреќа кај Нова Градишка згасна животот на нашиот никогаш непрежален музичар Тоше Проески, на возраст од само 26 години.

Денес, на 25-ти јануари Тоше требаше да го прослави својот 41-ви роденден.

View this post on Instagram

A post shared by TOŠE PROESKI (@toseproeski_)

Повозрасните го помнат момчето со ангелски глас, којшто ги поместуваше границите и го обединуваше Балканот со својата музика, а оние помладите, иако пораснаа со неговите песни, многу малку знаат за неговиот живот и дело и за она што него го издвојуваше како голем човек, хуманитарец, чиешто дело треба да се памети.

View this post on Instagram

A post shared by TOŠE PROESKI (@toseproeski_)

„Сите ве сакам“ – повторуваше секојпат кога беше на сцената, а таа негова љубов публиката ја чувствуваше. Секоја прилика ја користеше за да ги прегрне и да ги бакне најмалите што беа присутни на неговите концерти.

Познати се приказните за ненајавената посета на малата Душица Павловска која беше ранета за време на војната во 2001-вата година, но и за посетите на тешко болната 7-годишна Милена Димова која почина во 2000-та година, а тој редовно ја посетуваше и ѝ даде мала радост во нејзиниот краток живот.

go-osvoi-balkanot-so-angelskiot-glas-humanosta-i-dobrite-dela-fakti-za-nashiot-nikogash-neprebolen-toshe-proeski-02.jpg

Од хуманитарни концерти и давање пари на накиснатите колпортери за весници на улиците низ Скопје, до приказната за изградбата на манастирот „Свето Преображение“, неговите хуманитарни дела остануваат запомнети.

Во продолжение неколку интересни факти за животот и делото на нашиот никогаш непреболен Тоше Проески:

Тоше, односно Тодор Проески, роден на 25-ти јануари 1981-ва година во Крушево, првите почетоци со музиката ги направи уште во далечната 1992-ра година кога настапи на детскиот фестивал „Златно славејче“ и ја испеа песната „Јас и мојот дедо“ на влашки јазик.

go-osvoi-balkanot-so-angelskiot-glas-humanosta-i-dobrite-dela-fakti-za-nashiot-nikogash-neprebolen-toshe-proeski-03.jpgФото: Facebook - Tose Proeski

Музичкото образование го стекна во музичкото училиште во Битола, а потоа и на Музичката академија во Скопје. Музичката кариера ја започна во 1997-мата година каде ја изведе композицијата „Пушти ме“.

Во 1999-тата година го издаде својот деби-албум „Некаде во ноќта“ кој содржеше 11 песни, а истото лето се одржа и неговиот прв концерт, кога неговите обожаватели и покрај дождот и лошото време не си заминаа и сè уште го помнат овој настан.

go-osvoi-balkanot-so-angelskiot-glas-humanosta-i-dobrite-dela-fakti-za-nashiot-nikogash-neprebolen-toshe-proeski-04.jpgФото: Facebook - Tose Proeski

Првиот обид да ја претставува Македонија на Евровизија, Тоше го имаше во 2000-та година, кога со песната „Солзи прават златен прстен“ победи на телегласањето на Скопје-Фест, но на крај го освои третото место зад Каролина Гочева и XXL.

Во јуни 2000-та година го објави вториот албум „Синот божји“, а со песната „Тајно моја“ која беше застапена на истиот албум го освои второто место на фестивалот „Сунчане скале“.

Истата, 2000-та година српската продукциска куќа „BK Sound“ ги откупи правата за издавање на следниот албум на Тоше на просторот на поранешна Југославија, со што македонскиот пејач ќе почне да ја освојува балканската публика.

Во својата кариера Тоше имаше повеќе дуети, со Ања Рупел, Гоца Тржан, со Тони Цетински, а македонската публика ја помни песната „Немир“ која ја изведе со Каролина Гочева, што воедно беше и негов прв дует.

Со цел да го подобри пеењето, Тоше посетуваше часови кај маестро Вилијам Рајли, кој во својата кариера работел како ментор и на Лучано Павароти.

Иако беше познат како поп-пејач, Тоше ја освојуваше публиката и со неговите изведби на опери и оперски композиции. Секогаш знаеше да се покаже и да ги докаже своите гласовни способности во кој било музички стил, а на тој начин особено внимание привлече и кај репортерите во 2004-тата година кога ја претставуваше Македонија на Евровизија, со песната „Ангел си ти“.

Истата година Тоше ја доби Хуманитарната награда Мајка Тереза, а беше именуван и за Амбасадор на добрата волја на УНИЦЕФ. По тој повод ја сними песната „За овој свет“ која има и англиска верзија — This World и која станува химна на УНИЦЕФ.

Во 2005-та година го издаде албумот „По тебе“ кој беше издаден на целата територија на поранешна Југославија, а по него следеа албумите „Божилак“ со македонски народни песни проследени од симфониски оркестар и во 2007-ма година непосредно пред прераната смрт беше објавен неговиот последен албум „Игри без граници“.

И покрај огромната слава, Тоше се обидуваше својот приватен живот да го чува подалеку од очите на јавноста. Се шпекулираше дека во периодот кога трагично го загуби животот беше во врска со ракометарката Андријана Будимир, а претходно имаше гласини дека долго време бил во врска со манекенката Благица Мицова, со која се разделиле во 2006-та година.

Освен големиот број хуманитарни концерти кои ги одржа, луѓето споделуваат приказни за хуманоста на Тоше.

Така, позната е приказната за тоа како Тоше со автомобилот застанал покрај еден колпортер кој продавал весници на булеварот „Партизански Одреди“ и го прашал колку пари заработува од продажбата на весниците.

Кога продавачот Рафит Хасани му кажал дека ќе земе околу 150 денари, Тоше извадил 500 денари од џебот и му рекол:

„Те молам оди си вечерва дома, не можам да те гледам како киснеш“.

Дарување на крв, донација за реновирање на Клиниката за детски болести во Скопје, Изградба на манастирот „Свето Преображение“ во Крушево, домашни посети на тешко болни и повредени дечиња - Тоше беше нашиот ангел кого сите го сакавме еднакво како што тој ги сакаше луѓето и кој секогаш нè освојуваше како со музиката, така и со хуманите дела.

Поминаа 14 години од неговата прерана смрт, но Македонија и Балканот сè уште тагуваат за прерано загубениот ангел кој денес ќе наполнеше 41 година.

Б. С. Б. | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Македонија втора година по ред нема да учествува на Евросонг, објавена листата за Малме 2024 Последниот настап на Евровизија за Македонија беше во 2022, кога земјава ја прет...
Нашиот Мики Секуловски воодушеви во „Ѕвездите на Гранд“: „Ти си ајкула, местото ти е во финалето“ Босанац, кој е познат по тоа што ретко дели комплименти, по настапот, му кажа на...
„Дај на сунце“ – Новата песна на Каролина Гочева за еден час по објавувањето ја освои публиката „Магична како и секогаш“ – стои во дел од коментарите под новиот видео спот на К...
Само се шегувал со фановите: Ламбе останува во Македонија „Дедо Мраз ме врати назад во Македонија. Ве поздравувам. Македонија е мојата све...
20 интересни факти за Македонија: Чуваме делови од крстот на кој е распнат Исус, го имаме најстарото... Природните богатства на Македонија ја ставаат на списокот со најмногу планини, н...
„Се молам да не заплачам додека пеам“: Ивона Јо ги испеа омилените песни од Тоше во Крушево „'Игри без граници' и 'Полско цвеќе' не можам да ги пеам, да дадам емоција, а да...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg