Овации за „Приказната за Силјан“ во Њујорк - Нашиот кандидат за Оскар ја освојува американската публика
Филмот на Тамара Котевска, кој претендира за номинација за Оскар, имаше премиера на Менхетен, а позитивни реакции доби не само од публиката, туку и од критичарите, меѓу кои и во престижниот The New York Times.

Вчеравечер во легендарниот IFC Center во Њујорк се одржи американската премиера на документарниот филм The Tale of Silyan на Тамара Котевска.
Ова беше прва средба на американската публика со нашиот филм кој е кандидат за Оскар во категоријата документарен филм.
Неколку фотографии од премиерата што се одржа на Менхетен објавија од Агенцијата за филм на Македонија.

„Њујоршката премиера на документарниот филм „Приказната за Силјан“ успешно се одржа во IFC Center.
Овој значаен настан, покрај поддршката од дистрибутерот и продукцијата, беше реализиран и со поддршка од Агенцијата за филм во рамки на кампањата за промоција на филмот пред оскаровските номинации, во клучен период и пред релевантната американска публика.
Публиката со огромен интерес ја проследи проекцијата, а веднаш потоа следеше разговор со авторите. Режисерката Тамара Котевска и кинематограферот Жан Дакар лично присуствуваа и се обратија пред присутните.

Реакциите беа исклучително позитивни. Публиката беше видливо воодушевена од искреноста на приказната, визуелната поетика и автентичноста која филмот ја носи. Присутни беа и бројни претставници од македонската заедница во Њујорк кои гордо го проследија овој важен момент.
Со оваа проекција, „Приказната за Силјан“ го направи својот најзначаен чекор во американската кампања, продолжувајќи да го гради патот кон потенцијална двојна оскаровска номинација — и како македонски кандидат за најдобар странски филм, и преку пријавата на National Geographic Documentary Films за најдобар документарен филм“ - пишува во нивната објава.

Филмот доби и позитивна критика во престижниот The New York Times, во текстот со наслов „In ‘The Tale of Silyan,’ the Storks Are Watching“ (Во „Приказната за Силјан“, штрковите гледаат).
Авторката на рецензијата го споменува и филмот „Медена земја“ со кој Котевска беше номинирана за Оскар во 2019 година и вели дека новиот филм ја продолжува истата тематска линија - поврзаноста меѓу традиционалното земјоделство, климатските промени и миграцијата, но овој пат во подива и помистична визуелна форма.

Овој филм наскоро ќе почне да се прикажува и во кината низ Македонија.
А. Ј. | Црнобело