Бев на „Свадба“ во кино, се смеев со солзи и си отидов расположена - Зошто би го гледала филмот пак?
За себе сметам дека имам поинаква (да не речам чудна) смисла за хумор, а на работите кои им се смешни на повеќето луѓе знам да превртам со очи. Но, кога пријателка што го гледала филмот „Свадба“ (а се смее уште помалку од мене на комедии) ми кажа дека е добар и ја засмевал од почеток до крај, знаев дека мора да го гледам.

„Свадба“ е вистински феномен во регионот и сигурна сум дека и вие слушнавте дека го надминал рекордот на гледаност во Хрватска што го држеше „Титаник“.
Што беше провокација плус да купам билети за кино. И едвај најдов, бидејќи поголемиот дел од проекциите беа распродадени.
И покрај тоа што знаев кој глуми, никогаш не го погледнав трејлерот.
Освен фактот дека приказната се врти околу Србин и Хрватка, кои потекнуваат од богати семејства и поради нејзината бременост ќе прават свадба - не знаев ништо.

Но, од крајот на првата сцена, кога почнува песната од босанскиот пејач Фазлија, Helikopter, до последната кога завршува со култната Ljube se dobri, losi, zli од групата Магазин, не престанав да се смеам.
На моменти се фатив себеси како ми течат солзи од смеење и дека не сум единствената.
Сите во публика реагираа исто на смешните реплики и реалните ситуации во кои сме се нашле (или може да се најдеме): запознавањето на семејствата, како да не ги поканите на свадба роднините кои ќе се налутат ако не дојдат, ракијата како начин да се зближите со некого, членови од фамилијата од кои се срамиме (признајте, имате и вие по некој таков), надмудрувањата меѓу семејствата за да покажете кој е подобар, посилен, побогат, попаметен, со повеќе врски...

Ако на сето ова додадете две баби и два попа, возрасни мажи со дијабет и лекови во џеб, сите глупости што може да се случат на моминска и ергенска забава, мнооогу пцовки како начин на комуникација (што ни е многу блиску и нам), и сето тоа дополнето со фактот дека Србите и Хрватите ни по долги години „не се љубат многу“, тогаш сфаќате зошто филмот на Игор Шереги е вистински хит и не смеете да го пропуштите.
Нормално, некои сцени се преувеличени, некои не делуваат ни малку реално (ќе се воздржам од нивно набројување зашто не сите го гледале филмот), но дури ни тоа не ми пречеше во целата приказна.

Напротив, ми дојде добро, за да можам да си превртам со очи и да бидам иронична.
Додека си одев од кино салата, се фатив дека се смешкам, онака блажено, и дека ми е убаво на душичката.
Се завртев околу себе и видов дека сите се насмеани, расположени, си раскажуваат сцени од филмот.

Час и половина ми поминаа за миг - ниеднаш не погледнав во мобилниот, ниту ѕирнав колку е часот. Времето ми летна, а јас уживав во секоја минута. Најискрено.
Затоа само ќе кажам - на сите ни требаат вакви денови, вакви ситуации кога ќе се препуштиме на моментот, кога ќе заборавиме на проблемите и ќе се смееме на глас.
Ако сè уште не сте биле на „Свадба“ - да одите! Јас, наскоро, ќе го гледам пак.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело
