Зошто новиот филм за Мајкл Џексон е остро критикуван (иако руши рекорди)?
„Филмот во голема мера се потпира на музиката на Мајкл Џексон, држејќи се настрана од неговото понекогаш бизарно однесување“, пишува во колумната на Variety.
Џенет Џексон ја нема во филмот
Во филмот се прикажани низа личности кои бил важен дел од животот на пејачот, како неговите родители, неговите браќа, продуцентот Квинси Џоунс…
Но, во филмот ја нема сестра му Џенет Џексон.
Некои американски медиуми тврдат дека Џенет самата го критикувала филмот бидејќи му љубоморела на пејачот. Сепак, овие гласини не се потврдени.
Другата сестра на Мајкл, Ла Тоја, на холивудската премиера ја спомна Џенет:
„Посакувам сите да бевме во филмот… Џенет беше прашана и учтиво одби, па мора да се почитува нејзината желба“.
Парис Џексон го критикуваше филмот
Парис Џексон е уште една блиска личност на пејачот која ја нема во филмот.
Минатата година, актерот Колман Доминго, кој го глуми татко му на Мајкл, сподели дека Парис Џексон била вклучена во продукцијата.
На ова, Парис одговори:
„Не им кажувај на луѓето дека сум била од помош на сетот на филм во кој сум вклучена 0%. Прочитав една од првите верзии на сценариото и кажав што беше неискрено.
Не ми се доаѓаше и кога не се обрна внимание на тоа, си продолжив со животот. Знам дека многу од вас ќе бидете задоволни.
Голем дел од филмот се фокусира на посебен дел од фановите на татко ми кои уште живеат во фантазија, и тие ќе бидат среќни“.
Парис истакна дека филмот не е воопшто реалистичен приказ на нејзиниот тато.
„Но, ви го продаваат како реална приказна… Наративот е контролиран и има многу неточни работи и многу лаги“.
Сепак има и добри оценки
Мислењето на јавноста е поделено и на Rotten Tomatoes и IMDb можете да најдете и позитивни и негативни коментари.
Но, додека кај филмските критичари доминираат лошите коментари, изгледа дека голем дел од публиката сепак уживала во филмот.
Некои сметаат дека филмот е добар приказна за животот на Мајкл Џексон:
„Филмот беше навистина добар – ги однесов мајка ми и тетка ми и им се допадна и нив. Дефинитивно ќе го изгледам уште еднаш“.
„Одлична глума, само посакувам да имаше повеќе приказна“.
„Ми се допаѓаше сè во врска со филмот – глумата, пеењето и танцувањето беа совршени“.
Други не се задоволни од филмот, најмногу поради тоа што „нема длабочина“.
„Со толку доба актерска екипа, Michael можеше да биде одличен филм. Наместо тоа, филмот е хаотичен и нема душа“.
„Ми изгледаше повеќе како измислена верзија од животот на Мајкл. Неговиот внук имаше маестрална изведба, но филмот изгледаше како да ја прикажува перспективата на неговото семејство, наместо да ја покаже неговата вистинска верзија“.
„Филмот нема никаква длабочина. Ми изгледа дека фокусот е само на внук му кој го глуми“.
Некои коментираат и дека вистинските фанови на Мајкл Џексон секако дека ќе уживаат во филмот, без разлика што дури и неговата ќерка тврди дека има невистини во него.
Исто така, фактот што филмот веќе руши рекорди во киносалите ширум светот е доказ дека сепак е успешен.
Спирова С. | Црнобело
