Катерина (19) од Прилеп дома има 150 книги: „Сестра ми од дете ме носеше во библиотеки, така се вљубив во читањето“
„Убавината на скршените нешта“ од Ивана Спасев
Ова е приказна за Итан и Ирис кои веруваат дека нивната љубов е неуништлива, единствена и бескрајна.
И сѐ навидум изгледа совршено, сѐ додека тие не почнат да водат тивка борба, која е спремна полека да ги уништи.
Што е она што може да биде посилно и од нивната љубов?
Ве оставам да прочитате сами и да одлучите дали за некои љубови навистина вреди да се бориш.
Патем, сигурна сум дека ќе ви требаат марамчиња, бидејќи оваа приказна ќе ве натера да липате на глас.

„Излегувањето од сенка“ од Дијана Петрова
Книга за 19 век и за тоа како неколку жени, перачки, започнале дело кое е од непроценливо значење за нас, Македонците.
Митра Миладинова (сопруга на Димитар Миладинов) и Султана Миладинова (негова мајка), поттикнати од Виктор Иванович, руски славист, покрај реката започнуваат да ги учат жените да читаат и пишуваат.
Тоа тајно движење, во време кога жените немале право на глас, ги изложило Митра и Султана на многу ризици.
Меѓутоа поттикнати од стремежот за образование и слобода, продолжиле да се борат и придонеле многу во македонската преродба.
Митра и Султана се две исклучително храбри жени, кои не смеат да бидат заборавени во историјата.

„Римската љубовница“ од Кејт Квин
Книга која ќе ве врати далеку во минатото, во првиот век од новата ера, кога во Римската Империја владее најнемилосрдниот цар Домицијан.
Тој е строг и брутален, но има свои тајни и мрачни страни.
Теа е робинка која потекнува од Јудеја и со себе носи тајна.
Таа е единствената која успева да го задржи вниманието на царот, дури и по многу години.
Ниту една претходна љубовница на царот не успеала да издржи толку долго.
Па, што е тоа што Теа ја прави посебна во очите на царот, што другите го немаат?
Приказна која ќе го држи вашето внимание до самиот крај и нема да можете да ја оставите.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело