Виолета од Штип има библиотека со 300 книги: „Читам од средно, обожавам да разговарам со македонски писатели“
„Вртењето страници, чувството да одолееш да не видиш што ќе се случи со некој лик неколку страници понапред откако ќе дојдеш до некој интересен дел, или пак чувството кога ќе се изнаплачеш на книга, а на крај таа завршува среќно, па ја гушкаш книгата - чувства што само љубител на книги ги разбира“, вели за CRNOBELO.com, Виолета од Штип и ни ги препорача своите 5 омилени книги.

Виолета од Штип е Македонка која обожава книги и речиси 2 години има свој букстаграм профил @vikis_readinglist.
А таму, освен своите препораки за книги, со своите следбеници, но и пријатели, разменува мислења за тоа што го чита, но води и рубрика „Гласот на страниците“, каде што разговара со македонските автори во врска со нивните книги.

За својата љубов кон читањето, Виолета за CRNOBELO.com, вели:
„Букстаграм профилот го имам речиси две години. Искрено, бев скептик во врска со отворањето букстаграм профил, бидејќи знаев дека некогаш ќе има периоди кога нема да имам време за објави, а на приватниот профил често споделував мислења за книгите што ги читам.
Идејата да започнам свој букстаграм профил дојде од Дијана или повеќе позната како @dijanaslibrary. Таа ме убеди и среќна сум што ја послушав.
Букстаграм заедницата на Инстаграм не би ја менувала за ништо.
Секако дека на некој нема да му се допадне некоја книга, на некој друг ќе му се допадне, но тоа е убавината, сите да читаме иста книга, но секој различно да ја доживееме.
Уште нешто што ми прави задоволство е мојата рубрика „Гласот на страниците“, каде што им поставувам прашања на нашите македонски автори во врска со нивните книги, а тие ми одговараат.
За името на рубриката добив помош од една букстаграмерка, и баш тоа е убавината, што докажува колку си помагаме меѓусебно.
Сите интервјуа ми се драги, но овде сепак би ги истакнала разговорите со Ивана Спасев и Сандра Малетски.

Не сум од оние што почнале да читаат од мали нозе, напротив, јас почнав да читам во средно училиште.
Не знам ни самата како ми дојде таа идеја да отидам сама во училишната библиотека и да побарам книга за читање, но да е слободна литература.
Тоа беше навистина интересна случка, отидов, побарав некоја убава книга за читање, и ме прекорија дека секоја книга е убава, нема неубава. Денес се согласувам и јас со тоа.
Ми ја препорачаа „Мајка“ од Максим Горки - ја прочитав и се сеќавам дека ме воодушеви книгата.
Пред некое време повторно ја прочитав бидејќи таа е книгата што ме навлече на читањето.

Мојата домашна библиотека брои повеќе од 300 книги, иако не знам точно колку. Започнав да купувам книги последниве неколку години, а порано бев член на градската библиотека.
Во мојата колекција има и книги на англиски јазик. Читам и на македонски и на англиски јазик.
Речиси секогаш читам две книги истовремено - една во електронска форма, а другата во хартиена форма, и од тоа нема поубаво чувство.
Вртењето страници, чувството да одолееш да не видиш што ќе се случи со некој лик неколку страници понапред откако ќе дојдеш до некој интересен дел, или пак чувството кога ќе се изнаплачеш на книга, а на крај таа завршува среќно, па ја гушкаш книгата - чувства што само љубител на книги ги разбира.
Не можам да издвојам омилен автор или омилен жанр. Според мене секој автор си има по нешто уникатно во своите книги.
Истото е и со жанрот, секој жанр различно го доживуваме. Битно е чувството на крајот што го доживуваме кога ќе ја затвориме последната страница.

Не купувам секој месец книги, така да месечно немам некој одреден буџет. Но кога има саеми и попусти, тогаш не ме барајте за ништо друго освен за книги.
Понекогаш може да се случи со денови да не земам книга в раце, а некогаш да ја прочитам книгата во еден здив.
Зависи и од обврските, често читам повеќе за време на викенд да читам отколку преку неделата. Некогаш успевам да прочитам и до десет книги месечно, некогаш само две-три или ниту една.
Книгите за мене се бегство од реалноста и можност да навлезам во некој друг свет каде што живееш со ликовите, со тоа што тие го доживуваат, а ти за миг забораваш на сопствените грижи“.
