Билјана, директорка на библиотека во Делчево: „Најмногу плачев на 'Белото циганче' - Кои 3 книги ми се омилени?
„Скоро и да не правам пауза со читањето, читам во континуитет. Во последно време со своите дела ме воодушевува Ина Мур“, вели Билјана Петровска (49), директор на библиотека во Делчево, и за читателите на CRNOBELO.com препорачува три книги.

Билјана Петровска (49) од Делчево, дипломиран новинар, кој работи како директор на Јавната локална библиотека „Илинден“, e вљубеник во читањето од најмлади години.

За својата љубов кон читањето, за CRNOBELO.com, таа вели:
„Љубовта кон книгата ја носам од детството. Читањето за мене од секогаш било мој прозорец кон нови светови, нови приказни и нови сознанија.

Не се сеќавам која книга ја имам прво прочитано, но се сеќавам на која книга најмногу плачев. Тоа беше лектирата „Белото циганче“.
Ја читав едно топло лето и кога ја прочитав, цел ден плачев, се сеќавам на тој ден како вчера да беше.
Со текот на годините имам прочитано голем број книги, а посебно место во моето срце имаат романсите и љубовните приказни.
Скоро и да не правам пауза со читањето, читам во континуитет. Во последно време со своите дела ме воодушевува Ина Мур и со нетрпение очекувам нејзин нов наслов.

За мене читањето не е само хоби, туку вистинско уживање и потреба. Книгата ме опушта, ме инспирира и секогаш ме збогатува со нови искустава и размислувања.
Верувам дека секоја прочитана книга, остава траг во нас и нè прави подобри луѓе.

Во време на мобилни телефони, турски серии, лицемерие и трач муабети особено во мали места како моето Делчево, кое многу си го сакам, книгата е таа што ме полни позитивна енергија, ме одмара и квалитетно ми го пополнува слободното време.
Имам своја мала библиотека дома со околу 200 книги, меѓутоа почесто читам книги од ЈЛБ„Илинден“ каде како директор се трудам да имаме и да набавиме сè што е ново, интересно, актуелно и барано од нашите читатели“.