Билјана (24) од Кавадарци: „Одвојував од парите за појадок за да купувам книги, денес имам 450 - Кои ми се омилени?“
„Како мала, моите родители ми читаа бајки пред спиење. Тоа се едни од моите омилени рани детски спомени. Во основно читав лектирите, а од трета средно почнав да читам белетристика. Од парите што ми ги даваа за појадок, двоев дел и на тој начин штедев за книги“, вели Билјана Велкова за CRNOBELO.com.

Билјана Велкова (24) од Кавадарци веќе неколку години живее во Скопје, откако се запишала на факултет.
Дипломирала на Филозофскиот факултет, на смер педагогија и во моментов работи како педагог во основно училиште во Скопје.
Љубовта кон читањето ја негува од мала, кога нејзините родители ѝ читале бајки пред спиење.

„Тоа се едни од моите омилени рани детски спомени. Од тогаш потекнува и мојата љубов кон книгите.
Подоцна, во основно училиште ги читав лектирите, а од трета година средно почнав да читам белетристика“, раскажува Билјана за CRNOBELO.com.

Taa од парите кои ѝ ги давале родителите за појадок, двоела дел и на тој начин штедела за да може да си купува книги.
„Постепено почнав да си создавам моја библиотека, која денес брои околу 450 книги.
Во четврта година средно, односно во 2019 година, решив да отворам Инстаграм профил на кој ќе ја споделам љубовта кон пишаниот збор со други читатели низ Македонија.
Не замислував дека ќе стигнам толку далеку - да соработувам со издавачки куќи и автори, но, еве денес @bibliophiles_____ функционира 6 и пол години.
На профилот објавувам рецензии за прочитани книги, дарувања, видеа инспирани од македонски песни, препораки и слично.
Читам сè освен научна фантазија. Најчесто читам романси, трилери и историски драми.
Поретко читам поезија и книги од областа на популарна психологија. Засекогаш омилени книги ми се романсите ха, ха“.

Билјана вели и дека нејзината листа на омилени книги е долга, ама ако мора да одбере три, тогаш нејзината препорака се следниве книги:
Убавината на скршените нешта, Ивана Спасев
„Убавината на скршените нешта” е една од моите омилени книги од македонски автор.
Станува збор за млад брачен пар кој долг период се обидува да има дете.
Приказната е толку емотивна и трогателна која ќе допре до секоја душа и нема да ве остави рамнодушни.
Едноставно ќе се соживеете со ликовите и ќе ја почувствувате нивната болка.
Ова е една од ретките книги на кои имам плачено додека ја читав.

Рок на траење, Ребека Серл
„Рок на траење” ја прочитав пред неколку дена. Мала, слатка и несекојдневна приказна.
Дафне е млада девојка која секогаш кога ќе запознае некој маж добива парче хартија на кое го пишува неговото име и времетраењето на нивната врска.
Но што кога универзумот и праќа лист на кој пишува само име, дали тоа значи „крај“ или „засекогаш“?
Што се обидува да ѝ каже судбината?

Заеднички стан, Бет О’Лири
Ова е една интересна и смешна романса која долго ќе ја паметам.
Тифи и Леон се цимери кои не само што делат стан, тие го делат и креветот на кој спијат.
Леон работи навечер во болница, така што станот е негов преку ден, додека Тифи работи денска смена па станот го користи навечер.
Тие всушност не се познаат. Почнуваат да комуницираат преку белешки и тука почнува забавата.
Читајќи ја книгата слатко ќе се смеете и ќе уживате. Идеална е за читање на плажа.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело